Саем на кариера

Информатичарите најбрзо стигнуваат до работа

10.03.2014 16:29

Последните податоци на Министерството за образование покажуваат дека информатичарите најбрзо стигнуваат до работа. Потребите на стопанствотото и дефицитот од ваквите кадри на пазарот на трудот ги прават најбарани...

18 компании од ИТ секторот нудат можност за вработување и практична работа. За студентите од информатичките науки, овој саем е шанса да се вработат и да станат дел од тимот на овие компании, меѓу која е и британската Ендава,  која најави вработување на околу 400 ИТ инженери од земјава. 

„Имаме претставници од компаниите кои се дојдени тука  со кои што можеме да разговараме директно и да се претставиме ние како студенти и да стапиме во контакт со тоа што можеби би добиле понатаму вработување“, рече Александар Лавровски, студент на „Финки“.

„Секоја компанија која што се претставува на саемот нуди различни можности, некои нудат пракса некои работа“, вели Весна Марковска од студентската организација БЕСТ - Скопје.

Последните податоци на Министерството за образование покажуваат дека информатичарите најбрзо стигнуваат до работа. Потребите на стопанствотото и дефицитот од ваквите кадри на пазарот на трудот ги прават најбарани. Министерот Ристовски апелираше средношколците да се насочат кон техничките науки.

„Во насока на обезбедување на посигурни работни места дефакто показателите и инвестициите говорат дека техничките струки се оние што имаат во оваа фаза и во овој период многу поголема достапност на работните места на пазарот на труд“, рече министерот за образование и наука, Спиро Ристовски.

Саемот на вработување и кариера им помогнал на многу студенти да дојдат до вработување. Интересот и годинава е огромен. За првпат учестуваат и странски компании, кои ќе бараат потенијални вработени меѓу македонските студенти.

 

Викторија Тодоровска