Македонските винарии се здружија во национална асоцијација
Утврдување на приоритети за развој на винарството и лозарството во Република Македонија, зголемување на препознатливоста и извозот на македонските вина, развој на винската култура во земјата се само дел од целите на 35-те винарии –основачи на асоцијацијата кои присуствуваа на собранието на МНАВ...
35 винарии основаа национална асоцијација –МНАВ која ќе има за цел подобро да ги афирмира македоснките вина на странските пазари, да го зголеми извозот и да ја подигне препознатливоста на македонските вина.
Министерот Димовски кој присуствуваше на основањето на македонската национална асоцијација истакна дека министерството продолжува со сериозен и посветен интензитет во подршката на винарството со цел да се зајакне имиџот на РМ како земја на виното, поголема потрошувачка и препознатливост на македонското вино која е во заеднички интерес на сите.
„Поради тоа и во оваа прилика, уште еднаш би сакал да ве уверам дека министерството ќе продолжи и понатаму со големо внимание и несмален интензитет, со сериозен, посветен, и пред сè партнерски однос во поддршката на винарството, со цел од една страна постојано да се надградува партнерство меѓу нас, а од друга страна, да се подобри и зајакне имиџот на Република Македонија како земја на виното, придонесувајќи кон зголемување на придобивките од поголема потрошувачка, извоз и препознатливост на македонското вино во заеднички интерес на сите нас“,- рече министерот Димовски.
Утврдување на приоритети за развој на винарството и лозарството во Република Македонија, зголемување на препознатливоста и извозот на македонските вина, развој на винската култура во земјата се само дел од целите на 35-те винарии –основачи на асоцијацијата кои присуствуваа на собранието на МНАВ.
Беа донесени основните акти на асоцијацијата (Акт за основање на Македонската Национална Асоцијација на Винарии, Статут на Македонската Национална Асоцијација на Винарии и Програма за работа на Македонската Национална Асоцијација на Винарии за 2014 година) и беа избрани нејзините органи (Претседател на Собранието, Претседател и членови на Управниот одбор и Претседател и членови на Надзорниот одбор на Македонската Национална Асоцијација на Винарии).
