Неизвесноста далеку пред квалитетот!
Амбиентот подобар од играта, а ретки биле ситуациите кога Вардар и Пелистер се со речиси рамноправни шанси за титулата. Кога ниту дербито на Македонија, не може да донесе поместување во нагорна линија на квалитетот, тогаш спас за прволигашкота фудбалска сезона е само неизвесноста што веројатно ја немала во ваков обем во претходните шампионати.

Во минатото имало првенства во коишто за шампионскиот трофеј решавале последното коло, меѓусебните дуели или гол разликата, но конкуренцијата била меѓу две екипи. Првпат, но не затоа што се игра фудбал на високо ниво, во трка за пехарот се пет тима. Лидерот Вардар, па Турново, Работнички, Пелистер и Металург се сместени во разлика од само четири бода, но веројатно само кај нас е можно во првенство со 12 екипи да се биде конкурентен за титулата со повеќе нерешени отколку победи.
Позитивните елементи се во тоа што никој не отсокнува, што засега не теренот не се чувтсвува разлика меѓу оние со средена и проблематична финансиска состојба, па престои интресен трет круг. Во него половина лига ќе се плаши за опстанокот затоа што сезонава ќе испаднат четири екипи, а разликата меѓу шестата Ренова и зад неа Еуромилк, Брегалница и Шкендија којашто вложи многу, а е во опасната зона, е само четири бода. Македонија Ѓорче Петров може да се надева, што веројатно не е случај со Напредок и Гостивар коишто се длабоко на дното.
Скратувањето од 12 на 10 екипи е потег којшто има логика и којшто со четирикружниот формат од следната сезона би можело да донесе фудбал на скалило погоре. Ако ништо повеќе, тогаш барем тимовите што имаат амбиции ќе играат меѓусебе почесто, па македонското дерби ќе има четири епизоди, какви и да се.
