„Шпион“: Ефремов со лаги и манипулации инкасирал 380.000 денари

10.03.2014 17:23

Судот денеска ги отвори вратите за јавноста за исказите на дел од сведоците предложени од обвинителството за случајот „Шпион“...

Со лаги и манипулации, првообвинетиот во мега аферата „Шпион“,  Маријан Ефремов успеа да инкасира 380.000 денари - тврди  професорот Блажо Јованов кој пред судот се појави како сведок во случајот ,,Шпион“. Тој рече дека парите ги дал за плочка за која му било кажано дека има историска вредност.

„Тоа е плочка, стар предмет, кој бил по потекло од Кина со сертификат дека може да го продаде. Тој ме измами, јас не мислев тогаш, викав ако ме измами цела Македонија ќе го дознае и го дозна - еве сега кај заврши. Ми побара пари да ја продаде плочката,  за да отвора сметка, продавањето,  трошокот, патот, хотелско сместување спиење. Во Швајцарија рече ќе ги прави сметките, а ќе се продава накај Кина преку Истамбул. Цената се движеше околу 60 милиони евра“, вели Блажо Јованов– сведок за судењето „Шпион“.

Пред плочката која наводно вредела многу, дел од обвинетите и сведокот Јованов изведувале ритуали, а потпишале и пакт за пријателство. Обвинетиот Мичо Насковски, според зборовите на сведокот, му се претставил како потомок на Александар Македонски со „сина крв“. Тврдел оти знае каде е гробот на Александар на Беласица и дека таму е закопано големо богатство што ќе му припадне нему.

Судењето продолжи со распит на уште тројца сведоци, но поради чувствителноста на темата, судот реши да се одржи зад затворена врата.

 

Ана Јосифоска