6 милиони денари годишно – стимул за класична музика

10.03.2014 17:30

Стимулативната мерка во делот на класиката со која музичарите се поттикнуваат да создаваат повеќе дела ќе даде плод – очекување на композиторите...

Според нив, така ќе се избегне ситуацијата да заработуваат од друго, зашто во земјава не постои професија композитор.

„Ќе ги поттикне авторите да создаваат барем тројно повеќе од она што го создавале годишно. Бидејќи не постои работно место композитор, ни тука ни во странство. Тие секогаш мора да работат нешто друго за да преживеат“, изјави Сони Петровски, претседател на сојузот на композиторите.

Програмата за поттикнување  на домашното музичко творештво од областа на класичната музика ќе трае четири години, почнувајќи од годинава. За ова, министерството за култура ќе издвои вкупно 24 милиони денари, или 6 милиони за секоја година.

„Резултатите од овој конкурс ќе бидат проследени до нашите две институции, македонската опера и балет и македонската филхармонија#, изјави Елизабета Канческа- Милевска, министерка за култура.

Сојузот на композиторите преку аудиција ќе формира нов ансамбл, чии активности за формирање се веќе во тек. Треба да биде промовиран во септември. Во меѓувреме, течат подготовките за претстојните манифестации и концерти, меѓу кои се и деновите на македонската музика, во чии рамки ќе се промовира и новиот фестивал за електронска музика.

 

Александра Перевска