До крајот на јуни пешачка патека меѓу Стар и Нов Дојран

10.03.2014 18:13

До крајот на јуни треба да биде готова пешачката патека во Дојран. А на 17-ти март ќе започне и изградбата на две плажи во вкупна должина од 600 метри. Ова го истакна министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески кој беше во работна посета на Дојран...

До крајот на јуни ќе завршат градежните работи на пешачката патека која ќе ги поврзува Стар и Нов Дојран. Со изградбата на последните 2.800 метри, ќе се комплетира целата должина меѓу двата Дојрана од околу 6 километри. Патеката, поцелата должина ќе биде осветлена и хортикултурно уредена.

„Освен туристичкиот опсег кој Дојран го нуди со оваа патека, и дополнително со плажите, се остварува и една дамнешна желба на Дојранци, односно поврзување на двата Дојрана“, вели Борче Стамов- градоначалник на Дојран.

За седум дена ќе почне и изградбата на двете плажи. Едната, централната градска плажа во должина од 500 метри, а другата од 100 метри ќе биде лоцирана во месноста Карач. Министерот за транспорт и врски кој беше во обиколка на градежните зафати, рече дека потпишани се сите договори со изведувачите.

„Значи, водовод, канализација, шанкови, тоалети, песок, што значи комплетно нови плажи во Дојран. Со овие две инвестиции очекувам дека бројот на туристи драстично ќе се зголеми во летниот период“, вели Миле Јанакиески- министер за транспорт и врски.

Новите плажи треба да бидат готови до почетокот на јуни, за пред почетокот на летната туристичка сезона, Дојран да биде подготвен за гостите, кои минатата година остварија над 120 илјади ноќевања. 

 

Катерина Кржеска