Последниот обвинет од“Шпион“ чека на екстрадиција

Уапсен Зоран Божиновски во Нови Сад

08.11.2013 14:48

Синоќа околу 20 часот, во Нови Сад е упасен Зоран Божиновски

40 дена притвор му одреди   Судот во Нови Сад на Зоран Божиновски  , откако вчера беше уапсен  по меѓународна потерница . Бил следен подолго време. Го откриле во населбата Лиман во еден од двата стана под наем во претсојувал. Му нашле два компјутери и документација која е одземена. На распитот  дал исказ во врска со неговото движење и престој  во Србија. Истражниот судија  Ненад Симовиќ за МТВ информира дека Божиновски има само македонско  државјанство, со што се олеснува постапката за екстрадиција. Адвокатот на Божиновски поднел жалба на одлуката за притвор.

Македонското министерство за правда веќе ја започна постапката за екстрадиција. По преводот на целосната документација ќе биде испратено барањето до српските власти  за екстрадиција на Божиновски.

Со кривичната пријава Божиновски се товари за злосторничко здружување, шпионажа и уцена. МВР очекува да биде брзо екстрадиран.

 -Доколку биде одговорено позитивно, како и во сите досегашни случаи  МВР на РМ со српското министерство ќе се договорат околу деталите за испорачување , односно преземање на лицето кое што во текот на ноќта беше приведено во Нови Сад, изјави помошникот министер за односи со јавноста во МВР Иво Котевски.

Од скопска единица информираат дека случајот шпион е во истражна постапка. Се чека екстрадиција и на осомничениот   велешанец Перков, кој беше уапсен пред еден месец  по меѓународна потерница  во Чешка.

Во септември во акцијата Шпион 17-мина беа приведени. Осомничени се поранешни и актуелни разузнавачи, полицајци, државни службеници, поранешни функционери, бизнисмени и новинари, кои продавале информации на странски служби.

Наташа Гркова Петрушевска