Американската војска се намалува
Американските оружени сили се намалуваат дополнително во 2015-та на ниво како пред Втората Светска Војна. Приоритети не се повеќе мисиите во странство, туку безбедноста на територијата на САД. Заменик секретарот за одбрана Кристин Вермуф смета дека и со намалениот воен буџет, американските сили ќе можат да играат улога на глобален обезбедувач на мир...

За првпат во историјата на САД, армијата во 2015-та ќе се намали на ниво како пред Втората Светска Војна. Намалувања има и во маринците, авијацијата и морнарицата. Пентагон го претстави буџетот за идната година со забелешка дека приоритети се зачувување на безбедноста дома и борбата против тероризмот и интернет нападите.
„Го намалуваме активниот персонал на армијата на 440 до 450 илјади. Маринскиот корпус ќе биде намален на околу 180 илјади. Ќе бидат укинати и некои проекти во авијацијата. Сето ова се прави за да бидеме сигурни дека имаме доволно ресурси за модернизација и одржување на готовноста“, изјави Кристин Вермуф- заменик секретар за одбрана на САД.
Пентагон бара од Конгресот зголемување на воениот буџет за 2015-та нешто повеќе од предвиденото ниво, за да може да продолжи улогата што американските сили ја имаат во светот. Заменикот секретар за одбрана смета дека ако биде одобрен ваквиот предлог буџет, САД ќе можат да интервенираат и во ситуации како во Украина.
„Не мислам дека ситуацијата во Украина бара да направиме ревизија на нашата стратегија. Таа е визионерска и ќе ни дозволи да обезбедиме поддршка на владата на Украина и на нашите сојузници од НАТО во регионот“, додава Вермуф.
И покрај намалувањата на воениот буџет, Пентагон планира зголемување на специјалните сили на околу 70 илјади припадници за борба против тероризмот и интервенции во кризни региони како Блискиот Исток. Американските сили се повеќе ќе бидат концентрирани во Азија и Тихиот Океан.
Наскоро Конгресот треба да гласа за воениот буџет, но Пентагон веќе предупреди дека намалувањето на буџетот и во 2016-та година, екстремно ќе ја загрози безбедноста на Америка.
Ирина Гелевска, постојан дописник на МРТ од Вашингтон
