Пауновски: После вчерашниот увид на терен инспекторите ригорозно ќе казнуваат

29.05.2020 16:35

Увидот на инспекторите од терен уште на првиот ден е крајно разочарувачки и загрижувачки. Забележани се голем број и многу сериозни пропусти и непочитување на одредбите од протоколите...

Директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски на денешната вонредна прес-конференција, по одлуката на Владата вчера да  бидат отворени кафетериите и угостителските објекти за послужување храна, информираше дека инспекторите интензивно работат на терен, при што во текот на контролата е забележано непридржување во примената на протоколите за отворање и работа на кафетериите и на угостителските објекти за исхрана.

Директорот Пауновски истакна дека во текот на вчерашниот ден  Државниот пазарен инспекторат направи увид и дека сериозните прекршувања кои се забележани ќе бидат санкционирани согласно членот 205 и 206 од Уредбата донесена од Владата.

„За жал, увидот на инспекторите од терен уште на првиот ден е крајно разочарувачки и загрижувачки! Забележани се голем број и многу сериозни пропусти и непочитување на одредбите од протоколите. Во Државниот пазарен инспекторат ги оценуваме и како злоупотреба на добрата волја во првата недела од воведување на протоколите за работа на кафетериите и рестораните да не се изрекуваат казни од страна на поголем број сопственици и менаџери“, информираше директорот Пауновски.

Тој посочи дека овие протоколи се донесени за да се спречи ширењето на коронавирусот, бидејќи КОВИД-19 е сè уште меѓу нас.

Директорот Пауновски истакна дека иако дел од угостителите ги почитуваат мерките, сепак е забележана тенденција на непочитување и од страна на угостителите и од страна на гостите кои ги посетуваат локалите, за која најави дека нема да се толерира.

Воедно тој истакна дека овој начин на однесување е сериозна закана за здравјето на граѓаните и уште тешка опструкција на мерките за спречување на ширењето на вирусот.

„Од овие причини, најавувам дека Државниот пазарен инспекторат од денеска ригорозно ќе ги применува своите надлежности. Ќе имаме интензивно присуство на терен и секоe прекршување на одредбите од протоколите ќе биде казнето“, потенцираше Пауновски.

Тој упати апел до сите граѓани дека ситуацијата е сериозна, дека се работи за сите нас и повикува на свесност и совесност во примената на протоколите за безбедно работење на угостителските објекти.