САД

Протести против полициската бруталност

01.06.2020 13:36

Нереди, грабежи и апсења на демонстрациите против полициската бруталност во САД. Убиството на афроамериканецот Џорџ Флојд во Минеаполис предизвика силна реакција кај малцинските групи на континентот, но и во Европа. Националната гарда на улица...

Расизмот и натаму старо, нерешено прашање во Новиот свет. Речиси една недела насилство и немири од источниот до западниот брег на САД поради смртта на афроамериканецот Џорџ Флојд кој беше задушен со колено од страна на полициски офицер за време на приведувањето во Минеаполис. Демонстрантите не го почитуваат полицискиот час што  е воведен во речиси 40 градови. Специјалците беа принудени да употребат солзавец на повеќето собири, вклучувајќи ги и оние во Њујорк, Чикаго, Филаделфија и Лос Анџелес каде што се палеа полициски возила и ограбуваа продавници. Во нередите се уапсени најмалку 6 лица, а во пресметката меѓу полицијата и демонстрантите има и жртви. Мобилизирана е и Националната гарда. Во Минеаполис е приведен возачот на камионот кој влета во група демонстранти кои успеале да го извлечат од возилото и да го претепаат.

„Го тероризираат народот, ништо друго.“

„Сега веќе нема контрола. Не сакам да се уништи градов, но ако мора, ќе биде така.“

„Жалам за смртта на Џорџ Флојд и за последиците од тоа. Ова е проблем за сите.“

Американскиот претседател Доналд Трамп, кој беше евакуиран еден час во подземен бункер поради нередите во Вашингтон, ги обвини анархистите и медиумите за поттикнување на насилството и најави дека ќе ја прогласи Антифа за терористичка организација. Со сличен став е и главниот јавен обвинител Вилијам Бар.

„На многу места е очигледно дека нередите се планирани, организирани и поттикнати од анархисти и ултралевичарски групи. Екстремната левица која ја користи тактиката на Антифа“, изјави Вилијам Бар, јавен обвинител на САД.

Осуда за нередите и од претседателскиот кандидат на демократите Џо Бајден, но тој и натаму изразува солидарност со демонстрантите. Во Њујорк и Мичиген, на нивна страна застанаа и полициски службеници, изразувајќи револт кон бруталноста на некои од своите колеги.

„Имавме хаотични ноќи и затоа клекнав. Ако е тоа потребно да се врати мирот во заедницата, ќе клекнувам секој ден“, вели Џефри Мадри, заменик-шеф на полиција во Њујорк.

Слични масовни демонстранции се случија пред 3 децении во Лос Анџелес по ослободителната пресуда за белите полицајци кои го претепаа афроамериканецот Родни Кинг. Во петдневните нереди во 1992 година загинаа над 60 луѓе.

Маја С. Филдишев