Се реновира пристаништето во Свети Наум

11.03.2014 10:16

Поради оштетувања на дел од јужната страна на пристаништето постоеше опасност од негово уривање. Се очекува санацијата да заврши до крајот на неделава,по што пристаништето повторно ќе може да се користи...

Покрај најавите за изградба на современа градска марина,со која  ќе се задоволат потребите за паркирање на пловните објекти,треба да се води грижа и за веќе постојните пристаништа на Охридското Езеро. Контролите покажаа дека е оштетен делот од јужната пристапна страна на пристаништето во Свети Наум поради што интензивно се работи на неговата санација.Првичните оштетувања настанале во текот на зимата, вели капетанот на Охридската капетанија, Горан Устијаноски.

„Забот на времето го направи своето па мораше да се интервенира. Со заеднички сили на Охридската капетанија, министерството за транспорт и врски и ЈП Нискоградба од Охрид се прави санација на тој дел од пристаништето. Се работи за еден зафат за кој на почетокот мислевме дека ќе биде малку побезболен, но кога се направи ископот и првичните испитувања се укажа потреба од поголема интервенција“, вели Горан Устијаноски, Капетан на Охридската капетанија.

Последната санација на пристаништето беше извршена пред 8 години и доколку не се преземеа соодветни мерки постоеше опасност да дојде до повреда на патиците или на лицата кои ќе сакаа да шетаат на тој простор,бидеќи затскриените дупки во внатрешноста можеа да предизвикаат уривање на тој дел од пристаништето.

 

Сашо Нелоски