Растат тензиите на Крим

11.03.2014 10:31

Проруските сили отворија оган при заземањето на уште една база на Полуостровот, а авиони Авакс на НАТО во разузнавачка мисија пристигнаа во Романија...

Пет дена пред референдумот за независност, на Крим расте притисокот. Проруските сили отворија оган при заземањето на уште една база на Полуостровот, а авиони Авакс на НАТО во разузнавачка мисија пристигнаа во Романија. Украински активисти што се обидуваат да влезат на Крим тврдат дека се спречени од одметнатите сили на редот. Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун ги повика сите страни во Украина да се воздржат од брзоплети акции и провокативна реторика. Средбата на советот за Безбедност повторно заврши без конкретен заклучок.

„Русија тврди дека е загрижена за етничките Руси, но не дозволува меѓународни набљудувачи. Како што дознавме од ОБСЕ, нема опасност за етничките Руси на Крим. Тензиите растат само поради активностите на Руската Федерација“, вели Сер Марк Лајал Грант, претставник на Велика Британија во ОН.

Во меѓувреме, Русите и Украинците почнаа борба со интернет сајтови, информирајќи за настаните од свој агол, со меѓусебни обвинувања за тероризам.На Кримнепознати напаѓачи киднапирале двајца новинари. Репортери без граници тврдат дека целта е да се претвори регионот во „новинарска црна дупка“.Опозиционерот Кличко, кој се обрати во Харков, беше нападнат со јајца од проруски демонстранти.Новата кримска власт објави дека е подготвена за спојување со Русија, со официјализирање на рускиот јазик, пасош и рубља.

„Народот сака да и се придружи на војската, поради постојаните закани од западот. Но не верувам дека Украинците сакаат да војуваат со своите сограѓани. Ќе преовлада разумот, но за секој случај – ако сакате мир, подгответе се за војна“, изјави Сергеј Аксионов, самоназначен премиер на Крим.

На глобалната политичка сцена, државниот секретар на САД Кери ја отфрли понудата за разговори со рускиот претседател Путин. На својот руски колега Лавров му рекол дека можноста за преговори е мала со оглед на руската интервенција на Крим. Москва предлага решението за кризата да се бара во договорот со Европската унија потпишан од соборениот претседател Јанукович. Тој денеска треба да се обрати вторпат од Ростов на Дон.

 

Ивана Салтировска