Трамп се закани со војска на улиците за да ги задуши граѓанските немири
Претседателот на САД се закани дека ќе испрати војска на улиците за да ги задуши граѓанските немири поради смртта на афроамериканецот Џорџ Флојд. Адвокатот на неговото семејството тврди дека убиството е извршено со предумисла...

Американскиот претседател Трамп се закани дека ќе испрати војска на улиците за да ги задуши граѓанските немири што избувнаа поради смртта на афроамериканецот Џорџ Флојд. Трамп истакна дека доколку државите и градовите не успеат да ги контролираат протестите и да ги заштитат своите граѓани дека ќе ја мобилизира војската и дека брзо ќе го реши проблемот за нив.
„Драги мои сограѓани, Американци, моја прва и највисока должност како претседател е да ја бранам нашата голема земја и американскиот народ. Положив заклетва за да ги поддржувам законите на нашата нација и тоа е токму она што ќе го направам. Сите американци со право беа револтиранисо бруталната смрт на Џорџ Флојд. Се заколнав дека ќе ја бранам Америка и ќе го направам тоа. Правдата за Флојд ќе стигне, но не можеме да дозволиме на насилните демонстранти да ги загрозат нашите мирољубиви граѓани“, изјави претседателот Трамп.
Трамп изјави дека храбрите медицински сестри кои се борат против коронавирусот се плашат да излезат од дома, најавувајќи дека полицискиот час ќе биде строго почитуван.
Полициски час беше воведен во околу 40 градови, но голем број луѓе ги игнорираа ограничувањата што доведе до нови судири со полицијата во Њујорк, Чикаго, Филаделфија и во Лос Анџелес, каде што полицијата со солзавец и со гумени куршуми ги растерувала демонстрантите. Во многу градови се запалени полициски возила и се ограбени голем број продавници, а уапсени се над 4100 луѓе.
„Нашата порака се губи кога стануваме насилни. Нашата порака се губи кога ја уништувате Индијанаполис. Бидете мирни, нека ве слушнат, нека го слушнат вашиот глас“, вели еден демонстрант.
За време на протестите биле застрелани четворица полицајци во Сент Луис, а двајца биле повредени во Бафало. Илјадници луѓе маршираа по улиците на Њујорк, а според градоначалникот Бил Де Бласио на Менхетн и во Бронкс „имало сериозни проблеми“. Националната гарда досега распореди 16.000 свои припадници.
Западните медиуми протестите ги нарекоа најголемите расни тензии и граѓански безредија уште од атентатот врз афроамериканскиот свештеник, борец за граѓански права и нобеловец, Мартин Лутер Кинг, во 1968 година.
Марина Ристова
