Ковид-19

2.000 Бразилци ќе ја тестираат Оксфордската вакцина

04.06.2020 13:10

Светската здравствена организација соопшти дека во светот се разботи на 133 потенцијални вакцини против Ковид-19. Десет од нив се на клинички испитувања во САД, Велика Британија и Кина. Останатите 123 се во пред-клиничка проценка ширум светот

Вакцината против Ковид-19 што ja разви универзитетот „Оксфорд“ ќе биде тестирана во Бразил, втора земја во светот по бројот на регистрирани случаи на заразени. Вакцината за првпат беше тестирана на мајмуни во Велика Британија и дала позитивни резултати. Потоа почнала да се тестира кај луѓето при што дала позитивни резултати во 50 отсто од случаите. Сепак тоа сè уште на гарантира дека вакцината е успешна.

Светската здравствена организација соопшти дека во светот се разботи на 133 потенцијални вакцини против Ковид-19. Десет од нив се на клинички испитувања во САД, Велика Британија и Кина. Останатите 123 се во пред-клиничка проценка ширум светот, вклучително и на универзитетот во Токио, универзитетот Тулан, универзитетот во Алберта и универзитетот во Питсбург. Според проценките, најголеми шанси за успех имаат американските вакцини, но е рано да се каже бидејќи тестирањата се опсежни и траат долго.

Во Бразил расте бројот на починати од новиот коронавирус, а претседателот Болсонаро редовно повикува на укинување на рестриктивните мерки за зачувување на бразилската економија.

Црквите во земјата повторно се отворија за богослужби, но се преземаат превентивни мерки за да се спречи ширењето на ковид-19.

„Знаеме дека изолацијата е многу важен дел во борбата против пандемијата, но исто така знаеме и дека за католиците причеста е многу важна. Прекрасно е што можеме да се вратиме на богослужбите“, вели жител на Бразил.

Во осум од 20 италијански региони вчера не е забележан ниту еден нов случај на коронавирус, а кај бројот на заболени во целата земја е забележан благ пораст. Според бројот на починати лица од почетокот на пандемијата Италија е на третото место зад САД и Велика Британија.

Во меѓувреме земјите низ светот почнуваат да ги отвораат границите за туристите, во обид да се спаси летната сезона. Во дел од нив во сила се мерки за спречување на ширењето на вирусот.

Границите на Шпанија се затворени за сите странски туристи до 1 јули, а за домашните жители е задолжителен 14-дневен карантин. Во Франција се затворени границите за сите странски туристи до 15 јуни, иако може да влезат оние што навистина имаат потреба и имаат соодветен сертификат, но немаат симптоми на коронавирусот. Границите во Хрватска се затворени за сите странски туристи, а Италија ги отвори границите за туристите од Европа.

Во Германија границите се отворени за оние што имаат валидна причина за посета и имаат документи за да го докажат тоа, а нема карантин за оние што пристигнуваат од Европската унија или од Велика Британија. Грција ги отвора границите за странските туристи на 15 јуни. Аеродромите се отвораат на 1 јули, а ќе се тестираат оние што доаѓаат од високоризични земји.

Границите на Турција се затворени за сите странски туристи, освен за тие што имаат медицинска потреба.

Марина Ристова