Не стивнуваат протестите поради убиството на Џорџ Флојд

04.06.2020 15:09

Не стивнуваат протестите поради убиството на афроамериканецот Флојд. Државниот обвинител на Минестота, осомничениот полицаец го обвини за убиство од втор степен, а тројцата отпуштени колеги, за соучесништво. Државната обдукција пак, покажала дека Флојд бил позитивен на Ковид-19, но не починал од вирусот...

Убиениот афроамериканец Џорџ Флојд бил позитивен на Ковид-19,  покажала државната обдукција. Според извештајот, иако бил заразен тоа не е причина за неговата смрт. А државниот обвинител на Минесота, Кит Елисон, го смени обвинението против отпуштениот полицаец од Минеаполис Дерек Шовин за убиство од втор степен, поради смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд. Поднесе и обвинение против другите тројца отпуштени полицајци што учествувале во апсењето. Тие се обвинети за соучесништво во убиство од втор степен. Новото обвинение за убиство од втор степен, може да носи казна до 40 години затвор, 15 години подолго од максималната казна за убиство од трет степен.

„Протестирав во Милвоки и едноставно не чувствував дека можев да направам доволно таму без да бидам дома“.

„Добивме избори на национално ниво, но дури и на градско ниво. Мислам дека е време да се вклучиме.“

Гувернерот на Минесота Тим Волц најави дека полицискиот час ќе биде продолжен уште две ноќи. Смета дека дека протестите и разговорите за системскиот расизам во САД им ја даваат на лидерите последната шанса да го решат ова прашање.

„Мислам дека нема да добиеме нова можност да ја промениме и да ја подобриме оваа земја. Навистина мислам така. Почитувајте го полицискиот час. Направивте сè што беше побарано од вас, го сторивте тоа со разбирање дека се создава простор за дијалог“, изјави Тим Волц, гувернер на Минесота.

Грчката полиција употребила солзавец за да ги растера демонстрантите кои фрлале молотови коктели за време на протестите во близина на американската амбасада во Атина.

Демонстрантите носеле транспаренти на кои пишувало „не можам да дишам“ и извикувале пароли против полициското насилство и расизмот во САД. А единиците на активната американска војска донесени во Вашингтон поради протестот почнуваат да се враќаат во нивните матични бази.

Околу 200-те членови на елитната 82-ра воздухопловна единица за брзи дејства го напуштат главниот град. Другите активни трупи, кои се наоѓаат во воените бази надвор од градот во Северна Вирџинија и Мериленд, исто така, ќе бидат повлечени во нивните бази во наредните денови, доколку дозволат условите.

Милчо Велески