Судот одреди кауција од милион долари за тројца полицајци од случајот на Флојд
Во Минеаполис одржана комеморација за афроамериканецот Џорџ Флојд кој беше убиен од полициски офицер. На неговите тројца колеги, судот им одреди кауција од милион долари. Протестите против расизмот продолжуваат и втора недела. Во Вирџинија ќе се отстрануваат спомениците од конфедерацијата...

Американскиот суд им одреди кауција од милион долари на тројцата полицајци од Минеаполис обвинети за помагање во убиството на Џорџ Флојд. Износот може да биде намален до 750 илјади долари доколку го предадат службеното оружје и исполнат уште неколку други услови. Ако бидат прогласени за виновни им се заканува затворска казна од 40 години. Дерек Шовин, офицерот којшто го задуши 46-годишниот афроамериканец притискајќи го со колено на вратот, е обвинет за убиство без предумисла, односно од втор степен. На суд ќе се појави в понеделник. Смртта на Флојд предизвика серија масовни протести на глобално ниво против полициската бруталност и расизмот. Во Минеаполис беше одржана комеморација. Присутните му оддадоа почит со молк кој траеше 8 минути и 46 секунди, онолку колку што траела неговата последна битка за здив при бруталното приведување.
„Приказната за Џорџ Флојд е приказната на црната заедница бидејќи во последните 400 години ние не можеме да бидеме она што сакаме да бидеме затоа што ни стоите на вратот. Веројатно некои луѓе во правосудниот систем имаат проблем да погледнат што беше снимено и да преземат мерки“, изјави Ал Шарптон, свештеник и основач на Мрежата за национална акција.
Властите во Вирџинија наредија отстранување на спомениците од Конфедерацијата, вклучувајќи ја статуата од генералот Роберт Ли во Ричмонд.
„Не очекувавме, но ова е добар потег. Почнаа да нè сфаќаат сериозно, конечно ги слушнаа нашите гласови.“
„Време да се тргна одовде. Преку глава ми да ја слушам оваа ужасна историја. Треба да запаметиме дека не смееме да го воздигнуваме ова.“
Според анализа на „Вашингтон пост“ направена врз податоци од 2015 до 2019 година, афроамериканската заедница сочинува најголем процент од жртвите на полициски убиства.
Маја С. Филцишев
