СЗО со препорака за носење маски

06.06.2020 13:55

Досега СЗО препорачуваше носење на маски за медицинскиот персонал и болните од Ковид-19, но заради ширењето на пандемијата, ја смени својата одлука. Остануваат и другите препораки за откривањето на местата со заразени, нивна изолација и пошироко тестирање...

Најновата препорака од Светската здравствена организација е носење на маски на сите јавни места за да се спречи ширењето на коронавирусот. Досега СЗО препорачуваше носење на маски за медицинскиот персонал и болните од Ковид-19, но заради ширењето на пандемијата, ја смени својата одлука. Остануваат и другите препораки за откривањето на местата со заразени, нивна изолација и пошироко тестирање.

„На места каде е невозможно држење растојание, треба да се носат медицински маски или маски од платно направени според инструкциите што ги објавивме“, изјави д-р Мариа Ван Керкхоув-СЗО.

„Многумина ми велат во некоја држава се носат маски и ситуацијата е добра. Но во таа земја исто така се откриваат жариштата на заразата, се изолираат заразените и нивните контакти и се прави широко тестирање“, вели д-р Мајк Рајан- СЗО.

Носење на маски воведе и Обединетото Кралство каде веќе има над 40 илјади починати од Ковид-19, со што земјата е втора по САД по бројот на смртни случаи.

„Од 15 јуни задолжително ќе мора да се носат маски во јавниот транспорт. Значи не мора да бидат медицински маски, туку покривка на лицето. Маски нема да мора да носат малите деца, инвалидите и лицата со проблеми при дишењето“, изјави Грант Шнапс-британски секретар за транспорт.

Носењето маски се шири насекаде во светот. Затвореници во Алжир прават маски за себе и чуварите во затворите, оти Ковид-19 најмногу се шири во вакви места.  Жените во Сенегал почнаа кампања под мотото „Маски за спас на животи од Ковид-19“. Црна Гора пак, по два месеца го укина задолжителното носење на маски, освен во јавниот превоз, во здравствени установи и установи за стари луѓе и деца. Анализата на 172 истражувања во 16 земји покажале дека мерките како физичко растојание и носење на маски го намалуваат ширењето на коронавирусот.

Ирина Гелевска