Компанијата најавува нови 200 вработувања!

Нова инвестиција на Џонсон Мети тешка 60 милиони евра

08.11.2013 15:40

Џонсон Мети е третата компанија која се реши по втор пат да вложи во земјава

Нова инвестиција од 60 милиони евра и ангажман на уште 200 работници. Џонсон Мети со нови погони одговара на зголемената побарувачка, која е резултат на новата европска регулатива за контрола на издувни гасови, и која стапува на сила од први догодина. Со ова вкупниот број вработени во компанијата ќе достигне над 600.

“Ние во Џонсон Мети многу сме задоволни од тоа како се разви нашиот бизнис во Македонија и многу сме задоволни од квалитетот на луѓето што успеавме да ги ангажираме. Во оваа приказна сите се добитници”, изјави Џон Вокер, извршен директор во Џонсон Мети

“Со реализирањето на втората фаза, Џонсон Мети стана најголем гринфилд инвеститор во производниот сектор во Македонија. Вкупната инвестиција изнесува над 130 милиони евра. Со вториот производствен погон ќе се креират нови работни места, ќе се овозможи трансфер на знаење, развој на нови технологии и учество на локални компании во добавувачкиот процес на Џонсон Мети”, изјави Виктор Мизо, директор на слободните економски зони

Џонсон Мети почна со работа во 2010-та. По само три години, ја пресекоа црвената лента на нивната нова фабрика. Ова е трета компанија од Бунарџик што се реши да реинвестира во Македонија.

Во овие три години Џонсон Мети од Македонија произведе 10 милиони катализатори, што претставува рекорд во која било нивна постројка. Со новите две ленти двојно ќе го зголемат извозот од Македонија, кој за идната година се проектира на 1 милијарда долари.

“Ние ќе продолжиме да ги подобруваме условите за водење бизнис, да му бидеме партнери на приватниот сектор, да инвестираме во слобидните зони, да ги промовираме инвестициските можности надвор од Македонија. Се надевам дека во блиска иднина и другите инвеститори со кои сме во преговори ќе ги промовираат своите планови и ќе ги обелоденат новите инвестиции во Р. Македонија”, изјави Никола Груевски, претседател на Влада на Р. Македонија

Џонсон Мети има операции во преку 30 земји и вработува околу 10. 000 луѓе.

 

Новинар: Мартин Пушевски