Владата ја разгледува можноста за субвенционирање на платите за уште два месеца

08.06.2020 14:33

Владата ја разгледува можноста за субвенционирање на платите на вработените во погодените сектори, за уште најмногу два месеца. Според Министерството за економија, поддршката продолжува и за домашниот туризам. Бектеши засега не очекува земјава да влезе во рецесија. Државната статистика за првото тримесечие од годинава измери минмален раст на стапката на БДП од 0,2 проценти...

Се разгледува можноста за продолжување на мерката субвенција на платите на вработените во компаниите од погодените сектори со коронакризата. Владата викендов одржала состанок на кој биле разгледувани предлозите на стопанските комори, кои бараа мерката да важи уште најмногу два месеца.

Министерот за економија вели дека тоа ќе зависи од финансиска можност на државата. Бектеши засега не очекува земјава да влезе во рецесија. Државната статистика за првото тримесечие од годинава измери минмален раст на стапката на бруто домашниот производ од 0,2 проценти.

Бектеши објави дека ќе субвенционираат половина од трошоците за организирани семинари, обуки и конференции во домашните угостителски објекти.

До крајот на неделава ќе биде готова и платформата за ваучерите за домашен туризам, каде што оние со ниски примања до 15.000 денари и невработените ќе добијат ваучери во вредност од по 6.000 денари.

Од следниот месец ќе бидат достапни и платежните картички кои ќе можат да бидат искористени за купување на домашни производи. Бектеши вели дека деловните банки се подготвени да ги изработат и достават картичките.

 

Дијана Ценевска