Погребан афроамериканецот чија смрт го вознемири светот
На погребот му беше оддадена почест како на „обичен брат“ чија што судбина го претвори во камен темелник на движење кое ќе го промени светот.

Џорџ Флојд, афроамериканецот чијашто смрт под коленото на бел полицаец го вознемири светот и предизвика повеќедневни простести ширум светот против расната неправда, беше погребан во Хјустон.
На погребот му беше оддадена почест како на „обичен брат“ чија што судбина го претвори во камен темелник на движење кое ќе го промени светот.
На испраќањето беа собрани околу 6.000 граѓани кои со часови чекаа во ред да оддадат почит облечени во маички со ликот на Флојд и реченицата: „Не можам да дишам“- која ја повторуваше повеќе пати за време на приведувањето во Минеаполис по што почина.
За време на телевизискиот пренос на погребот, членовите на семејството на Флојд, црковните власти и политичарите ги повикуваа американците тагата и бесот поради неговата смрт да ја претворат во момент за поведување сметка за нацијата.
Говорниците во црквата укажаа дека единственото злосторство на Флојд било тоа што се родил како црнец. Наведоа дека тој оставил огромно наследство и покрај недостатоците кои го спречиле да стане се она кон што тежнеел.
„Ова не беше само трагедија. Тоа беше кривично дело кое го снајде ова. Многумина што стојат овде нема да бидат тука долго. Мора да му се посветиме на ова семејство и на сите овие семејства. Мора да бидеме таму за нив, затоа што животите на луѓе како Џорџ нема да бидат важни додека некој не ја плати цената за тоа што одзеле живот“, изјави Ал Шарптон, свештеник.
На присутните им се обрати и претседателскиот кандидат Џо Бајден кој повика на расна правда. По црковната служба Флојд беше погребан покрај неговата мајка во Тексас.
Властите во Хјустон го прогласија 9 јуни за Ден на Џорџ Флојд. Тој почина на 46-годишна возраст, а беше роден во државата Северна Каролина, но речиси целиот живот го поминал во Хјустон, од каде во 2014 година се преселил во Минеаполис.
Флојд почина на 25 мај откако полицаецот Дерек Шовин го притискал коленото на вратот скоро девет минути. Снимката на случајот се рашири на интернет. Шовин се соочува со обвиненија за убиство, а тројца други офицери вклучени се обвинети за помагање и поттикнување убиство.
Марина Ристова
