Се печатат домашните платежни картички
Се печатат првите домашни платежни картички „Купувам домашно“. Министерката за финансии, Ангеловска информира дека се завршени сите процедури и се потпишани договорите со банките. На листата се заведени 324.479 граѓани, а мерката чини 28 милиони евра. За ВМРО-ДПМНЕ платежните картички се поткуп...

На веб-страницата „Купувам домашно“ се објавени имињата на лицата кои ќе добијат платежна картичка, чиешто издавање почнува неделава. Има 324.479 корисници. Картичките, дел од банките ќе ги достават на домашна адреса, дел ќе можат да се подигнат во експозитурите, процес што ќе биде бесплатен.
За да се проверат граѓаните, потребно е да го внесат само матичниот број и да се информираат за картичката. По истекот на 15-ти август, граѓаните ќе може оваа картичка да ја користат како дебитна. Мерката има цел ревитализирање на македонската економија и ќе чини 28 милиони евра.
Со картичката не може да се вади готовина, ниту да се плаќа во странство или да се префрлаат средства кон други сметки.
Компаниите уште еден месец ќе можат да ја користат мерката 14.500 денари финансиска помош по вработен. Стопанствениците претходно бараа продолжување за 60 дена, но според првата финансиерка, утврдено е дека мерката треба да важи уште еден месец, по истите услови како и до сега.
За платежните картички, реакција од ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата велат- тие претставуваат поткуп, зашто не се знае на кого ќе се делат и како.
Наташа Гркова- Петрушевска
