По ремито со Том и пред елиминацијата на тимот од Лигата на шампионите

Спалети доби отказ од Зенит

11.03.2014 12:08

Зенит го отпушти тренерот Лучано Спалети, откако клубот падна на второто место на табелата во рускиот фудбалски шампионат, а се наоѓа и пред елиминација во осминафиналето од Лигата на шампионите.

Зенит го отпушти тренерот Лучано Спалети, откако клубот падна на второто место на табелата во рускиот фудбалски шампионат, а се наоѓа и пред елиминација во осминафиналето од Лигата на шампионите.

55-годишниот италијански стручњак заминува од функцијата по неочекуваното реми без голови со нископласираниот Том во саботата, по што Локомотив Москва изби на челната позиција со два бода повеќе од тимот од Санкт Петербург. Во рамките на лошата серија резултати којашто почна уште во финишот од есенската полусезона, Зенит има само една победа во последните шест средби во домашното првенство, а минатата недела на свој терен со 4-2 загуби од Борусија Дортмунд во првиот меч од фазата на најдобрите осум екипи во шампионската лига.

За привремен тренер е назначен поранешниот капитен на руската репрезентација Сергеј Семак.

„Би сакале да му заблагодариме на Лучано Спалети за неговиот придонес во развојот на фудбалот во Санкт Петербург. Секогаш ќе бидеме среќни да го видиме во нашиот град. Grazie, Mister !“ – напиша Зенит во клупското соопштение по разделбата со тренерот.

Спалети го презеде Зенит во декември 2009 и со него освои две шампионски титули и по еден трофеј во Купот и во Супер Купот на Русија. Беше прогласен за најдобар тренер во Русија во 2010 и во 2012, но во текот на последнава година, поради недоразбирања со него, клубот го напуштија две клучни фигури, поранешниот и сегашниот капитен на Русија Игор Денисов и Роман Широков.