Нов бран протести во САД
Се интензивираат протестите против расизмот по вториот смртоносен инцидент меѓу полициски офицер и афроамериканец во САД. Демонстрантите бараат итни реформи во полицијата и елиминирање на прекумерната употреба на сила...

Нов бран протести во САД по убиството на уште еден Афроамериканец од страна на полициски офицери. 27-годишниот Рејшард Брукс беше застрелан и повреден на паркинг пред ресторан во Атланта откако се обидел побегне по направен алкотест и неколку предупредувања да застане. Брукс починал за време на болничка операција. Според Истражното биро на Џорџија, ова е 48. случај годинава во кој полицијата отворила оган. Во 15 од нив имало жртви.
„Можеше да биде кој било од нас. Животот е краток и не смее да продолжи вака. Гледам да немам проблем со полицајци зашто пукаат и убиваат.“
„Можам да разберам ако застрелаат некого в нога. Ама тие пукаат по 6, по 12, па и 20 пати. Па, луѓево не се животни! Буквално одат и трошат цел шаржер на луѓе. Ако застрелате некого 7 пати, се разбира дека ќе умре.“
Поради најновите инциденти, властите во неколку сојузни држави планираат промени во полициските оддели доколку не се спроведат реформите за елиминирање на прекумерната употреба на сила.
„Стигнете до коренот на проблемите. Направете план, спроведете го планот со локалната власт. Во спротивно, нема да добиете дополнителени државни фондови. Нема да ги финансираме полициските оддели кои не гледаат што се случува, кои нема да се помират со ситуацијата и кои нема да направат реформи. Ние нема да сме материјални поддржувачи на несоодветна полициска тактика“, изјави Ендру Куомо, градоначалник на Њујорк.
Конфедерациските споменици и натаму на удар на демонстрантите кои бараат крај на расните поделби и насилството. Вчера во Мајами, Флорида, поддржувачите на претседателот Доналд Трамп, на неговиот 74. Роденден, организираа и контрапротест барајќи да запре уништувањето на историските обележја. Под притисок на јавноста, тој го одложи предизборниот митинг во Тулса, Оклахома, и поради датумот и поради локацијата. Собирот требаше да се одржи на 19 јуни, Денот на укинувањето на ропството во САД, во Тулса – градот каде што се случил голем масакр врз афроамериканското население во 1921 година.
Маја С. Филдишев
