Свет

Ковид-19: Во Пекинг масовно тестирање, Европа постепено ги отвара границите

15.06.2020 13:45

Поради нов кластер во Пекинг масовно тестирање за Ковид-19. Во Европа постепено се отвораат границите, а Грција најавува нормализирање на бродскиот сообраќај и бројни странски туристи, најмногу на островите...

Масовно тестирање во Пекинг поради нов кластер. По педесетина дена без ниту еден  заболен, во Пекинг викендов регистрирани нови десетици случаи од коронавирусот кој се пренел на локално ниво. Властите во главниот град на Кина предупредија на втор бран од ковид-19 и најавуваат строги мерки. И овој пат извор на вирусот бил пазар за храна.

„Пандемијата веќе беше завршена, а сега има едно или две нови жаришта. Јас сум исплашен. Се надевам дека сите избегнуваат да одат надвор без потреба и дека носат заштитна опрема.“

„Мислам дека се уште е добро и дека надлежените можат да ја контролираат ситуацијата. Оваа пандемија навистина се шири брзо. Тешко е да се избегне втор бран.“

Рестрикциите на Стариот континент продолжуваат да се намалуваат. Земјите-членки на ЕУ постепено почнуваат да ги отвораат границите, но превентивните мерки ќе останат во сила.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис изјави дека не сака да ја направи Грција „дестинација број еден“ во Европа, туку „најбезбедна дестинација“ на континентот, бидејќи земјата повторно се отвора за странските туристи.

„И како што доаѓаат луѓето, како што се отвораме постепено во јули, и ако вестите продолжуваат да бидат позитивни, сигурен сум дека кон крајот на летото, во август, септември, зошто не и октомври, луѓето ќе бидат поопуштени да резервираат за празниците и повторно да започнат да патуваат. Во суштина ние се обидуваме да спасиме се што можеме,  од она што многумина сметаат дека е целосно загубена туристичка сезона“, изјави грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.

Повеќето хотели, ресторани, продавници се уште не се отворени, а неколкуте бизниси што се отворени им служат на локалното население и мал број туристи.

„Санторини многу се потпира на странските туристи, повеќето локални бизниси страдаат без крстарења, кои  секојдневно носат илјадници туристи. Не слушнавме ништо за крстарењата. Ниту еден збор“, вели Орџ Луис, сопственик на угостителски објект на Санторини.

Во Јужна Америка, 1,5 милиони луѓе имаат корона вирус. Бразил и натаму со најмногу заболени и починати. Потоа следуваат Перу и Мексико.

 

Наташа Јанчиќ