ПРАВИЛА ЗА МЕДИУМСКО ПОКРИВАЊЕ НА ПАРЛАМЕНТАРНИТЕ ИЗБОРИ 2020 - МРТ1

16.06.2020 13:39

I. ОПШТИ ОДРЕДБИ

 

Правилата претставуваат операционализација на обврските на Јавниот радиодифузен сервис – МРТ1 за покривање на изборни процеси пропишани во Изборниот законик.

Според изборната регулатива, Јавниот радиодифузен сервис е должен да обезбеди правично, избалансирано и непристрасно покривање на изборите во својата програма и да овозможи пристап до сите облици на изборно медиумско претставување – вести, посебни информативни програми и бесплатно политичко претставување на сите учесници во изборната кампања. Исто така, во соработка со Државната изборна комисија (ДИК), МРТ е должна да ги информира граѓаните за начинот и техниката на гласање и за други информации поврзани со изборниот процес.

Оттаму, овие Правила утврдуваат во кои видови програми МРТ ќе ги покрива изборните процеси, а ги сублимира и обврските и стандардите за обезбедување право на одговор и исправка на објавена информација пропишани во Законот за медиуми.

 

Правилата ќе се применуваат од денот на распишување на парламентарните избори, (подолу во текстот: изборите) до нивното завршување.

 

II. ПОКРИВАЊЕ НА ИЗБОРИТЕ ВО ВЕСТИ

 

Вестите од распишување на избори до почнување на изборната кампања

 

МРТ1 во периодот од распишување на изборите до почетокот на изборната кампања, доследно ќе ги почитува стандардите и начелата за создавање на програмите утврдени во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, стандардите на новинарската професија од Етичкиот кодекс на новинарите  и на МРТ1 и правилата за покривање на изборите со тоа што ќе обезбеди избалансираност во известувањето за активностите на политичките партии од власта и од опозицијата што се претставени во Собранието. МРТ1 ќе информира и за активностите на политичките субјекти што не се претставени во Собранието.

 

Вестите за време на изборната кампања и дистрибуција на времето

 

Првиот програмски сервис на МРТ – МРТ1 детално ќе ги покрива активностите од изборната кампања во дневниците и тоа:

- на Првиот телевизиски програмски сервис (МРТ1) во дневниците во 17.00 и во 19.30 часот;

 -  во останатите информативни изданија ќе известува за активностите од изборната кампања со помал обем и при тоа ќе ги почитува правилата за правично, избалансирано и непристрасно покривање на изборите.

Според член 76-а став 2 од Изборниот законик, за време на изборна кампања Јавниот радиодифузен сервис е должен да обезбеди рамноправен пристап во информативната програма, така што 30% од времето ќе посвети на информации за дневните настани од земјата и од светот, 30% од времето за активностите на политичките партии на власт, 30% од времето за активностите на политичките партии во опозиција и 10% од времето за активностите на политичките партии кои не се претставени во Собранието.

Времето за партиите од власта и од опозицијата во извештаите ќе се распредели во согласност со принципот на пропорционалноста според бројот на потврдени листи со кандидати за пратеници. Поради тоа што во третините кај власта и опозицијата има различен број политички субјекти,  согласно слободата на изразување, дозволена е отстапка од +/- 10 проценти во распределбата на определеното време.

Законската одредба не предвидува време за активностите на независните кандидати, односно за кандидатите од група избирачи, но имајќи ги предвид позицијата и обврските на Јавниот радиодифузен сервис во општеството, МРТ1 за активностите на независните кандидати ќе информира во рамките на 10% посветени за информации од кампањата на политичките партии кои не се претставени во Собранието.

Информациите за активностите од кампањата на политичките партии на власт и во опозиција секојдневно ќе ротираат, а тонот на известувањето ќе биде неутрален. Јавниот радиодифузен сервис ќе обезбеди редовно информирање за изборниот процес и за лицата со оштетен слух.

 

Известување за активностите на државната и локалната власт

 

Редовните активности на државните органи, органите на општините и на другите институции и организации со јавни овластувања во информативните изданија на МРТ1 ќе бидат третирани во делот од вестите, резервиран за случувањата од земјата и од светот.

Имајќи ја предвид обврската од член 76-а став 12 од Изборниот законик која пропишува дека од денот на распишување на изборите до нивното завршување, известувањето за редовните активности на државните органи, органите на општините и на градот Скопје, на државните институции и организации, како и за активностите на правни и на други лица на кои со закон им е доверено вршење јавни овластувања, не смее да биде во функција на изборно медиумско претставување на ниту еден политички субјект, МРТ1 за нив ќе информира согласно со законските одредби со соодветни новинарски жанрови.

 

III. ИЗБОРИТЕ ВО ПОСЕБНИTE ИНФОРМАТИВНИ ПРОГРАМИ

 

Имајќи ja предвид неопходноста граѓаните да бидат информирани за програмите и за ставовите на сите релевантни политички субјекти, како и за разликите во нивните ставови и политики, особено во периоди на изборни процеси, МРТ1 за време на изборите ќе се фокусира на емитување дебатни програми, како вид на посебна информативна програма со која граѓаните најлесно добиваат впечаток за кандидатите и нивните ставови.

Согласно со мерките и задолженијата за заштита од вирусот КОВИД -19, учесниците во дебатите се обврзани да носат заштитна опрема и да ја обезбедат пропишаната физичка дистанца.

 

Во согласност со својата обврска од член 76-а став 11, МРТ на Првиот телевизиски програмски сервис - МРТ1 ќе емитува дебатни програми. Во дебатите за време на изборна кампања ќе учествуваат потврдени учесници во изборниот процес.

Дебатите ќе бидат на релевантни теми, во зависност од тоа за каков изборен процес станува збор, определени од уредничкиот тим на МРТ1. Дебатите ќе бидат соочувања на претставници на политички партии од власта и од опозицијата. Ќе почнат да се емитуваат по утврдување на листите за кандидати за пратеници од ДИК.

МРТ1 ќе ги утврди правилата за дебатирање кои ќе важат за учесниците во дебатата.

За да се обезбедат услови за еднаков пристап до дебатните програми, уредничкиот тим на МРТ1 ќе се грижи, учесниците во дебатите да бидат на еднакви позиции во политичките партии што ги претставуваат и некои личности да не се појавуваат премногу често.

МРТ1 ги информира партиите дека кога нивните претставници ќе учествуваат во дебати кои се снимаат пред да бидат емитувани и кои не се во живо од студио, нема да имаат право да побараат коригирање или бришење на она што го изјавиле, освен ако искажаното е спротивно на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, стандардите на новинарската професија од Етичкиот кодекс на новинарите и на МРТ1 и на правилата за покривање на изборите.

Водителот на дебатата мора да се однесува според етички и професионални принципи на непристрасност и неутралност кон сите учесници во дебатата. МРТ1 ќе организира дебати, без оглед дали некоја партија ќе го откаже учеството. Во таков случај, ќе биде оставено празно столче за отсутните, публиката ќе биде информирана за причините на отсуството, а преостанатите учесници ќе продолжат да дебатираат.

Јавниот радиодифузен сервис ќе се обиде дел од дебатните програми да ги направи достапни и за лицата со оштетен слух.

Интервјуа

 

Интервјуата главно ќе се емитуваат со претставници на институции и организации задолжени за релевантни аспекти од организацијата на фер и демократски избори. По потреба, во зависност од видот на изборниот процес, МРТ1 ќе емитува и интервјуа со потврдени кандидати на изборите или пак, со претставници на политичките партии. 

 

IV. ДРУГИ ИНФОРМАТИВНИ И ЗАБАВНИ ПРОГРАМИ

 

Од распишувањето на изборите до нивното завршување, во своите преостанати информативни програми, МРТ1 нема да известува за предизборните активности. Програмите на МРТ1 кои исполнуваат забавна медиумска функција нема да се користат за претставување на учесници во изборниот процес, ниту пак, за интервјуа со носители на јавни функции.

 

V. ИНФОРМИРАЊЕ ЗА ИСПИТУВАЊА НА ЈАВНОТО МИСЛЕЊЕ

МРТ1 ќе известува за резултати од испитувања на јавното мислење само доколку е познат нарачателот на истражувањето и ако тоа е реализирано на репрезентативен примерок.

При објавување на резултатите од испитувања на јавното мислење ќе ги почитува следниве принципи:

- Задолжително ќе ги објави следниве податоци: името на нарачателот кој го побарал и го платил испитувањето, името на институцијата што го извршила испитувањето, применетата методологија, големината и структурата на испитаниот примерок и периодот во кој е спроведено испитувањето;

-  Ќе информира и за очекуваната маргина на грешка, особено кога разликата меѓу претендентите е во рамките на маргината;

- Резултати од испитувања на јавното мислење поврзани со учесниците во изборниот процес ќе објавува најдоцна пет (5) дена пред денот определен за одржување на изборите за првиот и за вториот круг на гласање;

- Резултати од испитувања на јавното мислење спроведени на самиот ден на изборите нема да објавува пред 19.00 часот, односно пред затворањето на избирачките места.

 

 

VI. ИЗБОРЕН МОЛК

 

За време на изборниот молк, МРТ1 ќе продолжи да известува за изборниот процес и за текот на гласањето. Нема да емитува содржини кои би можеле да се сметаат за прекршување на изборниот молк. Оттаму, нема да објавува:

- Какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите;

-  Какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија изборна кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите;

- Податоци со кои се открива идентитетот на политичките субјекти и/или на поединци вклучени во инциденти или други неправилности на денот на гласањето;

- Изјави од кандидати во изборниот процес, од учесници во изборна кампања, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта.

 

  

VII. БЕСПЛАТНО ПОЛИТИЧКО ПРЕТСТАВУВАЊЕ

 

Во согласност со обврските за емитување бесплатно политичко претставување од Изборниот законик, МРТ1 за време на изборната кампања ќе емитува бесплатно политичко претставување на учесниците во изборниот процес. Времето за бесплатното политичко претставување на секој од учесниците во изборниот процес ќе биде определено според принципите за избалансирано покривање на изборите (еднаквост односно пропорционалност) утврдени во членот 75-а од Изборниот законик.

Непосредно пред почнување на изборната кампања, МРТ1 ќе го објави распоредот за емитување на бесплатното политичко претставување. Датумот и редоследот за емитување на бесплатното политичко претставување на учесниците во изборната кампања ќе се утврдат со ждрепка.

Бесплатното политичко претставување на телевизиските програмски сервиси ќе се емитува во периодот од 16.00 до 23.00 часот.

Бесплатното политичко претставување ќе биде соодветно и видливо означено како „бесплатно политичко претставување” во текот на целото времетраење на емитувањето.

 

VIII. ПРАВО НА ИСПРАВКА И ОДГОВОР

 

Кој може да бара објавување на исправка/одговор

 

Кој било учесник во изборниот процес (кандидат, политичка партија, коалиција итн.), како и секое физичко или правно лице, има право од МРТ1, односно од одговорен уредник во МРТ1, без надоместок, да бара да објави:

- Исправка на објавена информација во која се наведуваат неточните факти објавени во информацијата, а со кои биле повредени неговите права или интереси, или;

- Одговор на објавена информација, доколку има поврзаност со фактите објавени во информацијата или има легитимен интерес.

                Барањето за објавување исправка, односно одговор се поднесува во писмена форма:

-  Образложено и потпишано од подносителот, со сите потребни податоци за него;

-  Со јасно посочување на информацијата (или податокот) на која се однесува и датумот на нејзиното емитување.

 

Рок за објавување и други услови

 

                За време на изборниот процес, исправката, односно одговорот, ќе бидат објавени во првото следно издание на програмата во која била објавена информацијата на која се однесуваат. Доколку барањето за исправка, односно одговор не е поврзано со изборниот процес, тогаш ќе се применуваат одредбите за нивно објавување утврдени во Законот за медиуми („Службен весник на Република Македонија“ бр. 184/2013 и 13/2014).