КОВИД-19

Се зголемува бројот на заболени во Кина, училиштата и градинките под клуч

17.06.2020 14:15

Рестрикциите се враќаат во Пекинг по појавата на стотина новозаболени од Ковид-19 во период од една седмица. И овој пат жариште на вирусот бил пазар за храна. Австралија ги обвинува Кина и Русија за ширење дезинформации кои ја отежнуваат борбата со глобалната пандемија...

Десетици новозаболени од коорнавирусот во Кина, најмногу во Пекинг. Училиштата и градинките повторно се затвораат. Се зголемува контролата на секој што влегува или излегува од главниот град. Мерките се заострија откако минатата недела се појавија нови случаи на заразени. И овој пат, изворот на коронавирусот бил пазар за храна.

„За луѓето што доаѓаат од странство следува задолжителен карантин, како и тестирање. Секој контакт со средноризични или високоризични области, како и сите што се поврзани со пазарот Синфади имаат забрана за излез од Пекинг“, изјави Чен Беј, заменик генерален- секретар на општинската власт во Пекинг.

Од австралиското МНР обвинуваат дека ширењето дезинформации ја попречува борбата со пандемијата. Прстот го вперија кон Кина и Русија за обид за нарушување на демократските системи од Западот. Пекинг претходно ги предупреди своите државјани да не патуваат во Австралија поради опасност од расистички инциденти поради ковид-19. Во меѓувреме, блокираше и неколку трговски соработки, потег за којшто експертите сметаат дека е одмазда за барањето за независна истрага од страна на Австралија околу потеклото на вирусот.

„Минатата недела Европската Комисија издаде извештај во кој се заклучува дека странски играчи и земји, особено Кина и Русија спровеле конкретно насочени кампањи за дезинформирање обидувајќи се да ја нарушат демократската дебата и да ја зголемат општествената поларизираност со цел да си го подобрат својот имиџ во контекст на пандемијата“, изјави Марис Пејн, министерка за надворешни работи на Австралија.

Светската здравствена организација објави дека ќе ги ажурира своите упатства за третман на пациенти со КОВИД 19 по клиничките испитувања кои покажаа дека стероидот дексаметазон може да им помогне на луѓето со потешки заболувања. Лекот кој се користи уште од 60-тите годинаи на минатиот век за да се намали воспалението кај болести како што е артритис, ја намалил стапката на смртност кај најтешко- болните пациенти со КОВИД 19. Иако резултатите од истражувањето за употреба на дексаметазон се прелиминарни, истражувачите сметаат дека треба веднаш да почне да се применува.

 

Маја С. Филдишев