Од понеделник хотелите започнуваат со работа
Од понеделник започнуваат со работа хотелите и другите сместувачки капацитети. Некои од нив подготвено ги дочекаа протоколите за работа, меѓутоа бараат допрецизирање на мерките и препораките, бидеќи со протоколите не се опфатени сите активности кои се неопходни во нивното работење. Од друга страна, поради потребата од вработување на дополнителен персонал и трошоците кои произлегуваат од спроведувањето на протоколите, можно е по примерот од нивни колеги од Бугарија да не ги отворат објектите...

Хотелите и другите сместувачки капацитети од понеделник ќе ги отворат вратите за туристи. Дел од нив и пред објавувањето на протоколите за работа ги извршија неопходните подготовки, поради што полесно ќе се прилагодат на функционирањето во новите услови. Сепак забележуваат дека со протоколите не е се детално разработено и не се опфатени сите од нивното работење.
„Па не, не е се предвидено. Детално значи не е предвидено како да се однесува самиот гостин при влегувањето, како рецепционерот, кој го прифаќа тој гостин да го однесе до соба. Значи има еден куп работи кои што треба да се допишат во тие протоколи“, вели Анита Лидова- раководител на продажба- Хотел „Гранит“.
Оваа година ќе ги нема шведските маси, услугите ќе се одвиваат како во минатото, а засега нема ниту протоколи за користење на базените и плажите.
„Знаеме дека гостите кои доаѓаат во нашите капацитети првенствено доаѓаат за одмор и рекреација и дека спроведувањето на овие мерки ќе го нарушат конфорот на гостите. Но уште повеќе треба да сме свесни дека заедно треба да водиме грижа за здравјето на сите гости и сите кои што се вклучени во овој работен процес“, изјави Јован Китрозоски- Хотел „Силекс“.
И покрај тоа што ќе започнат со работа засега нема интерес за сместување во хотелите, а скоро сите аранжмани се одамна откажани, а од друга страна угостителите побараа продолжување на работното време по 22 часот.
„Ние како Министерство за економија преку министерот за здравство сме доставиле такво барање и ќе чекаме до новата седница на владата да видиме кој е предлогот на Комисијата за заразни болести и навремено ќе ги информираме сите засегнати страни“, изјави министерот за економија, Крешник Бектеши.
Доколку се продолжи работното време на угостителските објекти секако дека ќе треба да се зајакнат и контролите бидеќи според оценките на надлежните институции дел од угостителите не ги почитуваа протоколите за работа.
Сашо Нелоски
