Крај за Надал и за Шарапова!
Двојно изненадување во третото коло на тенискиот турнир во Индијан Велс, испаднаа минатогодишните шампиони, Рафаел Надал и Марија Шарапова...

Откако го преживеа дуелот со Чехот Радек Степанек, најдобриот светски тенисер Шпанецот Надал беше поразен од Украинецот Олександр Долгополов со 2:1 (6:3, 3.6, 7:6) и ќе загуби дури 955 поени затоа што ја бранеше титулата на првиот мастерс од серијата 1000. Во одличен меч во којшто сревисот не беше предност, Долгополов не само што конечно освои сет против Надал, туку ја оствари првата победа во шесте меѓусебни дуели.
„Од почетокот на турнирот не се чувствував добро, навистина играв со двајца тенисери кои не ми дозволија да го најдам својот ритам. Не играв доволно добро од основната линија, премногу грешев. Дологополов беше подобар и му честитам на триумфот. Животот продолжува натаму и ќе се обидам добро да се подготвам за следниот турнир во Мајами“, изјави Надал.
„Нормално дека се чувствувам одлично, сепак го победив најдобриот играч во светот“, беше еуфоричен Долгополов кој во осминафиналето ќе игра против Фабио Фоњини.
Италијанецот во три сета беше подобар од Французинот Гаел Мофис кој направи дури десет двојни сервис грешки.
Швајцарецот Станислас Варвинка пак, делува несопирливо. Серијата од 13 триумфи во 2014-та ја продолжи во дуелот со Италијанецот Андреас Сепи. Освојувачот на Австралија Опен Вавринка за 49-те минути на теренот на противникот му препушти само два гема, 6:0, 6:2 за меч со Кевин Андерсон. Тенисерот од Јужна Африка со 4:6, 6:0 и 6:3 го елиминираше Русинот Евгениј Донској.
Канаѓанецот Милош Раониќ немаше проблеми против Колумбиецот Алехандро Фаља и славеше со 6:4 и 6:3 и ќе биде следен противник на Енди Мареј. Британецот се намачи за триумф против 77-от на АТП листата Чехот Јиржи Весели во три сета, 6.7, 6:4, 6:4.
Германскиот ветеран Томи Хас со 7:6 и 6:2 беше поуспешен од Јапонецот Кеиџи Нишикори и во четвртото коло ќе му се спротивстави на Роџер Федерер. Швајцарецот во два тај - брека го победи Русинот Дмитри Турсунов.
Осминафиналните двојки ќе бидат комплетирани по вечерашните дуели од коишто составен дел на двојната програма на МРТ собранискиот сервис со почеток во 19 часот ќе бидат преносите од мечевите Томи Робредо – Шпанија против Марин Чилиќ – Хрватска и Новак Ѓоковиќ – Србија против Алехандро Гонзалез – Колумбија.
Сензацијата на женскиот дел од турнирот којшто е во категоријата „Премиер“ е во креација на Италијанката Камила Џорџи. 79-то рангираната Џорџи со 6:3, 4:6 и 7:5 ја совлада ланската победничка Русинката Марија Шарапова. Ова е прва победа на Џорџи во дуелите со Топ 5 светските тенисерки. „Воопшто не играв добро. Ова ми беше прв дуел против Џорџи која не ми дозволи да наметнам вистински ритам. Одиграв далеку под своето ниво. Веројатно имав лош ден“, беше разочарана Шарапова.
Турнирот заврши и за 11-та фаворитка Ана Ивановиќ од Србија кој со 2:1 загуби од Слоун Стивенс, за 16-та Саманта Стосур од Австралија која исто така во три сета беше поразена од Флавија Пенета од Италија, како и за 21-та Анастасија Пављученкова од Русија која во третиот и решавачки сет против Каролине Вознијацки не освои ниту гем. Данската тенисерка во осминафиналето ќе игра против првата носителка На Ли од Кина која со 2:0 беше поуспешна од Каролина Плишкова од Чешка. Пласман во четвртото коло обезбедија и 8-та фаворитка Петра Квитова од Чешка, 12-та Доминика Цибилкова од Словачка, како и Русинката Алиса Клејбанова.