Јанукович: Уште сум жив и уште сум претседател

11.03.2014 13:32

Јанукович ги обвини САД за поддршка на, како што ја нарече, нелегалната влада, и рече дека ќе се жали пред Конгресот, Сенатот и Врховниот суд во Вашингтон...

Уште сум жив и уште сум претседател – порача повторно соборениот украински претседател Јанукович од Ростов на Дон. Инсистира дека бил симнат од власт без негов потпис и неуставно.Новата власт во Киев ја обвини за обид да предизвика граѓанска војна и порача дека нема да ги слуша нејзините наредби.

„Под маската на нешто што го нарекуваат легитимна влада, со земјата владее банда ултранационалисти и неофашисти. Да ве потсетам дека и натаму сум не само легитимен претседател, туку и врховен командант“, рече Виктор Јанукович, поранешен претседател на Украина.

Јанукович ги обвини САД за поддршка на, како што ја нарече, нелегалната влада, и рече дека ќе се жали пред Конгресот, Сенатот и Врховниот суд во Вашингтон.

„Сите знаат за намерата на владата на САД да му помогне на овој гангстерски режим со милијарда долари. Но Законот на САД забранува финансиска помош за влади на држави во кои избраниот претседател е соборен со државен удар“, истакна Јанукович.

Околу Украина сила демонстрираат и Русија и НАТО. Проруските сили отворија оган при заземањето на уште една база на Полуостровот, а авиони Авакс на Алијансата во разузнавачка мисија пристигнаа во Романија. Германскиот министер за надворешни Штајнмаер рече дека Европската унија се подготвува за најлошото сценарио.

„Ако викендот помине без промена на руското однесување, во понеделник Европскиот Совет ќе разговара за наредниот пакет мерки. Не сакаме конфронтација, но акциите на Русија не тераат да се подготвиме“, изјави Френк-Валтер Штајнмаер, министер за надворешни работи на Германија.

Државниот секретар на САД Кери одби разговори со рускиот претседател Путин. Според Москва, решението за кризата е во договорот со Европската унија, потпишан од Јанукович. Референдумот на Крим ќе се одржи за 5 дена, на 21 март, руската Дума ќе го разгледа предлог-законот за припојување на територии кои ќе изразат таква желба.

 

Ивана Салтировска