Ковид-19

СЗО: Рекорден број на заразени

22.06.2020 14:23

Во моментот во светот има над 9 милиони позитивни случаи. Од Ковид-19 починаа 461.000 луѓе, а две третини од новопријавените смртни случаи се во Северна и во Јужна Америка.

Светската здравствена организација пријави рекорден раст на бројот на заразени од коронавирусот. За само 24 часа се регистрирани над 183 илјади новодијагностицирани.

Во моментот во светот има над 9 милиони позитивни случаи. Од Ковид-19 починаа 461.000 луѓе, а две третини од новопријавените смртни случаи се во Северна и во Јужна Америка.

Во меѓувреме болниците во ЕУ се подготвуваат за втор бран на коронавирусот, преку обука и мобилизација на медицински персонал. Според италијанските здравствени власти потребна е здравствена армија, за во случај ако се случи втор голем бран, земјите да бидат подготвени да ангажираат лекари и медицински сестри.

Голем број заболени од германската месарска компанија „Тоени“, каде што повеќе од 1.000 луѓе биле заразени со коронавирус заминале на балканот, тврдат германските медиуми.

Дел од вработените со потекло од Романија и Бугарија заминале, непосредно пред одлуката за карантин за сите работници во погоните.

Според компанијата, во компанијата работат луѓе од 87 нации, но најголема група се Романци и Полјаци, а една третина од странските работници живеат во Германија.

Здравствените власти на Јужна Кореја соопштија дека земјата е погодена од втор бран на епидемијата на коронавирусот, што потекнува од празниците во мај. Корејските центри за контрола и превенција на болести претходно соопштија дека првиот бран никогаш всушност не завршил.

Во Русија пак, се регистрирани 7.600 нови случаи на инфекција со коронавирус, со што вкупниот број се доближи до 600 илјади.

Марина Ристова