Регион

Партијата на Вучиќ апсолутен победник на изборите во Србија

22.06.2020 14:58

Партијата на Вучиќ победи на парламентарните, покраинските и локалните избори во Србија. Освои 62,6 насто гласови, и во идниот српски Парламент кој брои 250 места, ќе има 189 пратеници. Драган Ѓилас, претседавачот со опозициската коалиција „Сојуз за Србија“, која ги бојкотираше изборите, изјави дека „идната нова влада нема да има легитимитет“...

Изборната листа Александар Вучиќ- За нашите деца на владеачката Српска напредна странка е апсолутен победник на парламентарните, покраински и локални избори во Србија. Според податоците на набљудувачките мисии Ипсос и Цесид, партијата на Вучиќ освои 62,6 отсто гласови со што во идниот српски парламент кој брои 250 места, ќе има 189 пратеници.

Уште две партии на вчерашните избори успеаа да го помиат цензусот од три отсто и да влезат во собранието. Тоа е Социјалистичката партија на Србија на Ивица Дачиќ со освоени 10,9 отсто гласови и 32 пратенички места и партијата СПАС на градоначалникот на Нови Белград Александар Шапиќ со 4,2 осто гласови и 12 мандати.

Покрај партиите на националните малцинства на унгарците, албанците и бошњаците,големи шански за влез во собранието има и малку познатото Движење за обнова на Кралството Србија.

Во услови на состојба на епидемија со коронавирус и бојкот од поголемиот дел на опозицијата позначајно од очекуваната победа на СНС беше излезеноста на граѓаните и таа според ЦРТА и Ипсос изнесуваше 45 отсто, што е за 6 проценти помалку од претходните избори.

Претседавачот со опозициската коалиција Сојуз за Србија (СзС), која ги бојкотираше изборите, Драган Ѓилас, синоќа изјави дека на изборите кои биле проследени со бројни неправилности, излегле 42 проценти од гласачитеи дека „идната нова влада нема да има легитимитет“.

„Пред нас се два пата. Продолжување на кризата и на тензиите, што не носи ништо добро.Вториот е градење на мехнизми, ослободување на медиумите и на луѓето, без притисоци. На Европскиот парламент му праќаме порака, да се обиде нешто да договори и да премине на суштински разговори и според моделите што постојат на Западен Балкан да дојдеме до можноста за фер и чесни избори“, изјави Драган Ѓилас Председавач со СзС и лидер на ССП.

Официјалните резултати од изборите ќе бидат објавени во Службен весник, не подоцна од 96 часа по завршувањето на гласањето.

Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ