Италијански компании заинтересирани за инвестиции во Македонија

11.03.2014 14:26

Италијанците не кријат дека сакаат да учествуваат во реализацијата на Коридорот 8, но и да помогнат во побрзо заедничко користење на европските пари. Досега во 120 македонски фирми има италијански капитал...

Италијанските компании сакаат да бидат поприсутни на инвестициската мапа во Македонија. Досега најмногу инвестираа во хемиската, прехранбената, модната и во индустријата за авто компоненти. Сега ќе се фокусираат на инфраструктурните  и на енергетските проекти, гасификацијата и автопатите.

„Се работи за изградба на дистрибутивна мрежа за 17 општини во земјава. Инвестиција од околу 100 милиони евра. Идниот пакет се концесиите за два многу значајни патни правца и тоа од Гостивар до Кичево и концесијата за автопатската делница од Скопје до границата со Косово“, вели Миле Јанакиески, министер за транспорт и врски.

Италијанците не кријат дека сакаат да учествуваат во реализацијата на Коридорот 8, но и да помогнат во побрзо заедничко користење на европските пари. Досега во 120 македонски фирми има италијански капитал.

„Решивме да ги презентираме овие два сектора, инфраструктурата и енергијата, затоа што во нив се инвестира многу во Македонија.Италија истотака и помага на Македонија  во насока на зголемување на користењето на европските ИПА фондови , во делот на транспортот“, вели Ернесто Белели - амбасадор на Италија во Р.Македонија.

„Италија е петти надворешно трговски партнер на Македонија, но е 15-ти инвеститор. Се надевам дека овој бизнис форум  ќе ги подобри нашите  инвестиции во земјава“, истакна Чинциа Бруно, директор на Италијанскиот институт за надворешна трговија во Скопје.

30 италијански компании ги скенираат инвестициските проекти што им беа претставени преку владините роуд- шоуа, а заинтересирани се и за шесте капитални проекти што ги најави македонската метропола, вредни 350 милиони евра.

 

Свето Николовски