ГРОМ: Изјавите на ДУИ - чекор до дестабилизација на Македонија

11.03.2014 15:57

Ставот на Демократската унија за интеграција дека активно ќе работат на тоа да пропаднат претседателските избори и доколку тие избори завршат успешно тие нема да го признаат легитимитетот на претседателот на Републиката, се лоши, рече на денешниот прес лидерот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски. Тој нагласи дека изјавите кои доаѓаат од владејачката партија се несоодветни на политичката состојба во Република Македонија.

- Минатата година СДСМ беше тој кој нѐ водеше кон бојкот на локалните избори. Ние можеме да имаме разбирање за таквиот нивен став бидејќи станува збор за опозициска партија која ги бара сите форми како да дојде до власт. Но, затоа пак, не можеме да разбереме, како вакви изјави може да даваат токму претставници од партии кои се на власт, конкретно Демократската унија за интеграции? Не ми е јасно како ДУИ ја напушти владата и предизвика услови за предвремени парламентарни избори со што ќе се создадат услови за остварување на цензусот во вториот изборен круг за избор на претседател на Република Македонија, а сега ќе работи на  пропаѓање на истите тие избори? Не ми е јасно како ДУИ размислува потоа да учествува во работата на владата во која што мандатот на владата ќе го даде претседател за кој што тие сметаат дека е нелегитимен - оценува Јакимовски.

Сметаме, вели Јакимовски дека ова не соодветствува на партија која што  досега била член на Влада и која што ги води Европските интеграции.

- И наместо со изборни резултати  да дојдеме до стабилизација на политичката сосотојба во Република Македонија, ние сега имаме обратна ситуација, обид за дестабилизација на Република Македонија што апсолутно не соодвествува со политичката практика не само во Република Македонија туку и надвор од неа - вели лидерот на ГРОМ.