Се олесува работењето на семејните винарии

01.07.2020 11:03

Со новите правила во производството на вино се олеснува работењето на семејните винарии. Интерес за овој бизнис постои, но лозарите имаа забелашка на високите цени за уписот во регистарот кој изнесуваше и до 10.000 денари. Земјоделците кои во домашни услови произведуваат вино сега за оваа обврска ќе плаќаат 1.500 денари…

Се олеснуваат условите за упис во регистарот на производители на вино на физички лица и мали винарски визби. Надоместокот од 10.000 се намалува на 1.500 денари за визби со капацитет до 30.000 литри годишно и 5.000 денари за винарски визби со капацитет на преработка и чување на вино над 30.000 литри.

Ваквите измени се направени со цел малите фамилијарни винарии да бидат ставени во законска рамка, а со тоа на легален начин ќе можат да го продаваат произведеното вино.

Оваа обврска за плаќање е само за идните производители, а според проценките на Државниот инспекторат за земјоделство, во текот на оваа година, би се регистрирале 40 физички лица и мали производители, во следната 30, а во третата 20 нови винарии.

Со ланските измени на Законот за вино, се овозможи и малите винарии да го продаваат виното на пазарот, да се во склад со сите стандарди за производство, а со тоа во иднина од мали фирми да прераснат во поголеми и препознатливи производители во овој бизнис и да се промовираат во странство.

Методија Трајков