Охрид ги очекува првите туристи од Полска и Холандија
Првиот ден од главната туристичка сезона денеска беше пропратен со отворањето на Охридскиот аеродром. Покрај редовните летови од петти јули се очекува да профункционираат чартер летовите од повеќе земји кон охрид. Тоа секако ќе биде ветер во грб за туристичкиот сектор кој поради здравствената криза претрпе огромни загуби. Бројот на странците годинава ќе биде далеку помал, но се очекува тоа да биде надополнето со доаѓањето на домашните гости...

Од денеска е отворен и охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“. Имаше два лета од Цирих и Милано. Наскоро се очекуваат и првите чартер летови со туристи од Полска и Холандија.
Се очекува до крајот на јули авиокомпанијата „Визер“ да ги врати во функција сите чартер линии кои функционираа минатото лето, но сепак тоа ќе зависи од состојбата со коронавирусот во нашата земја и државите од каде што се очекуваат туристи. Отворањето на охридскиот аеродром е одлична вест на стартот од туристичката сезона бидеќи хотелските капацитети во моментот се празни и според хотелиерите поголема раздвиженост се очекува по 15-ти јули. Охрабрува и тоа што се поголем интерес за Охрид покажуваат македонските граѓани, како и туристи од соседните држави.
Во секој случај охриѓани подготвено го дочекаа стартот на сезоната. Годинава ќе се води особена грижа за безбедноста и здравјето на посетителите и во објектите и на плажите.
„Спасителите на вода покрај онаа опрема што ќе ја поседуваат тие за спасување на вода ги следат и препораките на здравствените власти. Значи ќе носат задолжително маски. Во услови кога тоа е неопходно и во услови кога што треба да се интервенира нормално дека ќе ја извадат маската“, изјави Сашо Точков, претседател на Црвен Крст- Охрид.
Спасителите на вода нема да казнуваат, нивна задача ќе биде да укажуваат и да делуваат превентивно за да се почитуваат мерките за заштита од коронавирусот.
„Упатуваме апел до посетителите да ги почитуваат овие мерки и да ги почитуваат правилата за безбедно рекреирање и водни спортови. Исто така апелираме да се рекреираат на обезбедени и организирани капалишта“, изјави Ристе Филипов- спасител на вода.
Концесионерите веќе ги имаат добиено протоколите за начинот на користење на плажите. Особено е важно да се грижат капачите да носат заштитна маска , да одржуваат физичка дистанца, редовно да ги дезинфицираат лежалките и да не дозволуваат групирање.
Сашо Нелоски
