Санадер осуден на 9 години затвор за аферата „Фими медија“

11.03.2014 16:36

По две години судење, Судот во Загреб му изрече неправосилна пресуда на поранешниот хрватски премиер, Иво Санадер, кој со уште 9-мина сопартијци се обвинети за вмешаност во најголемата корупциска афера со „Фими медија“, осудувајќи го на 9 години затвор. Партијата ХДЗ е прва политичка партија која е обвинета за корупција.

Судот во Загреб го казни некогаш најмоќниот хрватски политичар, поранешниот премиер Иво Санадер, на 9 години затвор поради извлекување пари од државни институции и фирми преку маркетиншката агенција „Фими медија“.

Доколку и Високиот суд ја потврди првостепената пресуда, Сандаер покрај робија, ќе мора да врати и околу 2 милиони евра што ги стекнал незаконски.

Освен Санадер и обвинетиот Мачек, во постапката, и преостанатите 7-мина обвинети  признале пред Ускок дека извлечените пари завршувале во приватни џепови и во црните фондови на ХДЗ.

На Санадер ова му е втора пресуда за корупција. Тој и овој пат потврди дека е невина жртва на политички  прогон.

„Сето ова нема врска. Ова не го правел ни Сталин, како што работеше во истрагата Ускок“, рече поранешниот хравски премиер, Иво Санадер.

„Сведоците не го потврдија основното тврдење дека Санадер присвојувал пари. Целата инкриминација се темели само врз сведоштвата на Младен Баришиќ“, истакна Чедо Продановиќ, адвокат  на Санадер. 

ХДЗ на обвинувањата одговори дека незаконитостите се направени без знаење на  регулаторните партиски тела.

„Никогаш немада прифатиме колективна одговорност, бидејќи оној што ја направил треба и да одговора за ова казнено дело. Во ХДЗ има чесни граѓани, нашата парија не е арамиска“, изјави претседателот на ХДЗ, Томислав Карамарко.

Иво Санадер пред 2  години беше прогласен за виновен во аферата „Хипо“, како и за земање мито од унгарската фирма Мол на 10 години затвор.

Мирјана Василева