Финансии

Економијата закрепнува, нема потреба од нов ребаланс

02.07.2020 14:56

Резултатите во економијата се подобри од очекуваното, што укажува дека закрепнувањето е почнато, вели првата финансиерка Ангеловска. Приходите се на ниво од 44 насто од ребалансот, што е за 9 проценти помалку од лани. И покрај корона кризата, извршувањето на буџетот оди плански, а ликвидноста е обезбедена, тврди Ангеловска. Постепено закрепнување на домашната економија се очекува и во третиот и четвриот квартал...

Домашната економија се закрепнува, бројките се охрабрувачки, вели министерката за финансии, Ангеловска. Посочува дека реализацијата на вкупните приходи во буџетот во првата половина од годината се над очекувањата.

Даночните приходи бележат пад од 13 насто и изнесуваат 47,3 милијарди денари. Само за јуни, проекциите биле минус 20 насто. И кај вкупните расходи кои изнесуваат 113 милијарди денари, зголемувањето било 9,9 проценти. Позитивни движења има кај персоналниот данок на доход и ДДВ.

Досега се реализирани 44 проценти од планираното. Оптимизам изразува за третиот и четвртиот квартал.

Ресорната министерка посочува дека нема потреба од носење на нов ребаланс, бидејќи има доволно средства за справување со кризата и за здравството.

До крајот на годината се очекува да се зголеми јавниот долг поради задолжувањата направени дел за справување со кризата дел за враќање долгови велат од финансии.

За ставот околу намалувањето на ДДВ како антикризна мерка, Ангеловска вели дека секоја одлука треба да биде издржана за да не се наштети на економијата.

Дијана Ценевска