Живот

Повисоки пензии и социјална помош за повисок стандард

11.03.2014 17:01

270 илјади пензионери од месецов се со повисоки примања. Велат, веќе го направиле есапот како ќе ги потрошат овие пари...

Март донесе повисоки пензии, линеарно зголемени за 600 денари. 270 илјади пензионери од месецов се со повисоки примања. Велат, веќе го направиле есапот како ќе ги потрошат овие пари.

„За 50 проценти ми е покачена пензијата... Многу се покачени пензиите... За лекарства, за сметки, за храна... Покачени се за 600 денари, ама трошоците се големи. Затоа треба економично да се живее, да се штеди... Јас не се жалам. И сопругот мој прима пензија. Доста е за нас. Ние не трошиме на гардероба, туку на храна и лекарства. Одиме и на бања...“ – велат пензионерите со кои поразговаравме во „Жена – парк“.

Најголемо покачување има кај најниските пензии, најмало кај највисоките кои достигнуваат и до 36 илјади денари. Според податоците со кои оперираат македонските власти, со последното мартовско покачување, просечната пензија споредено со 2006-тата е зголемена за 62 процента. Зголемувањето кај најниската пензија е 76 проценти, а кај највисоката 30 проценти.

Надлежните прават споредба со 2006-та. Тогаш, просечната пензија изнесувала 7.683, денес 12.445 денари. Денес најниската пензија е како просечната од 2006-та. Според експертите, зголемувањето на пензиите има социјален и економски аспект. Од една страна, ќе се подобри стандардот на пензионерите, а од друга ќе се поттикне потрошувачката.

„Зголемување од 600 денари по пензионер навидум не е големо, но ако земеме вкупно, тоа е голема сума пари која ќе се влее во процесот на потрошувачката, особено кај производите за широка потрошувачка, што ќе предизвика зголемена вкупна побарувачка, ќе резултира со зголемено производство на тие стоки, а во крајна линија ќе резултира со придвижување на БДП“, изјави Томе Неновски, универзитетски професор.

Зголемување од над 47 проценти регистрираат и корисниците на социјална помош. Ако до пред 8 години примале 2.900 денари, сега добиваат 4.266 денари. Зголемување од 46 проценти има и кај постојаната парична помош. Од 3.695 денари, на 5.392 денари.

 

Мартин Пушевски