Хрватска

Пленковиќ прогласи победа, триумф на ХДЗ

06.07.2020 10:35

На парламентарните избори во Хрватска, убедлива победа на десноориентираната ХДЗ на Андреј Пленковиќ. Левицата претрпе убедлив пораз. Оваа победа не само што е голема туку и обврзува, изјави актуелниот премиер...

Претседателот на Хрватската демократска заедница, Андреј Пленковиќ оствари убедлива победа и освои 69 мандати на изборите во земјата. За остварување на парламентарно мнозинство се потребни 76 мандати.

Во своето обраќање Пленковиќ истакна дека станува збор за „одличен резултат и победа на ХДЗ со партнерите“. Им се заблагодари на сите хрватски граѓани кои излегоа на гласачките места и го дадоа својот глас, без оглед дали гласале за ХДЗ или некоја друга партија.

„Тоа е она што е демократијата, исказ на волјата на народот за насоката по кој пат да оди Хрватска. Нашата победа не обврзува бидејќи имавме тежок мандат полн со искушенија зад нас, а предизвиците кои се пред нас се и поголеми“, изјави Пленковиќ.

Пленковиќ истакна дека на Хрватска и се потребни решенија и за економијата и за јавното здравје, јакнење на институциите, човековите и малцинските права.

Коалицијата „Рестарт“ освои 43 пратенички мандати,  „Татковинско движење“ 15, Мост 8, а коалицијата „Можеме“  7 мандати.

„Секако дека овој резултат е лош за СДП и за коалицијата „Рестарт“. Јас не бегам од одговорност и подготвен сум да си заминам. Ќе разговараме за тоа. Но, СДП оди понатаму. Им ја честитам изборната победа на ХДЗ и на Андреј Пленковиќ“, рече Давор Бернард, претседател на СДП.

Покажавме дека можеме. Пред нас има големи предизвици и големи кризи. Но, покажаме дека една мала искра може да ја врати надежта и оптимизмот дека можеме подобро“, изјави Мирослав Шкоро, Татковинско движење.

На парламентарните избори излегоа 1,52 милиони гласачи, или околу 46 насто од вкупниот број гласачи, што е рекордно мала излезеност досега.

Марина Ристова