Почнува „Скопско лето“ со ограничен број посетители и со мерки за заштита

06.07.2020 11:57

Поради пандемијата, Дирекцијата за култура и уметност на Скопје, ќе ја организира летната манифестација според посебните протоколи. Бројот на публиката ќе биде ограничен и задолжително ќе биде носење заштитни маски, мерење телесна температура...

Со концертот „Скопје во три бои“ вечер во Сули Ан ќе биде отворен 41-от фестивал „Скопско лето“, кој традиционално почнува на 21 јуни.

Поради пандемијата, Дирекцијата за култура и уметност на Скопје, ќе ја организира летната манифестација според посебните протоколи.

Бројот на публиката ќе биде ограничен и задолжително ќе биде носење заштитни маски, мерење телесна температура, одржување на пропишаната физичка дистанца и дезинфекција, а влезот за публиката ќе почне половина час пред настанот.

На вечерашниот концерт  ќе настапат: Душко Георгиевски – вокален изведувач и флејта, Ратко Даутовски – ударни инструменти, Емил Адамски – кавал и акустичен бас, Бајса Арифовска – пијано, тамбура, виолина, кларинет и Благоја Алачки – гитара. Музичката програма ги сплотува македонската, ромската и турската популација во нашето поднебје како убав спој на три музички култури во едно.

Утревечер од 20:30 во Сули Ан јубилеен концерт ќе има Пламенка Трајковска квинтет. На 8 јули од 20.30 часот концерт ќе одржи триото „Ад Либитум“ во Музејот на македонската борба.

На 9 јули  онлајн ќе биде промовирана книгата „…Kao ti i ja…/…Како ти и јас…/… Like You And Me…“- љубовно- патописна поема инспирирана од младоста на Никола Тесла на авторот Тони Манџуковски-Манџук. Промоцијата ќе се одржи со видеопроекција во „Тесла-бар“ од 20.20 часот.

В петок, 10 јули од  21часот во Сули Ан на програмата е монодрамата „Дневникот на лудиот“ од Гогољ во изведба на Бобан Алексоски и во продукција на Театар „Златен Елец“.