Србија

Повредени и уапсени по протестите во Белград

08.07.2020 09:41

Судирите помеѓу полицијата и демонстрантите траеја со часови, а почнаа со собир пред српскиот Парламент. Дел од демонстрантите го пробија полицискиот кордон и успеаја да влезат во холот на зградата. Учесниците во протестите ја напаѓаа полицијата со јајца, камења и шишиња и факели, на што таа возвратила со солзавец.

Дваесетина луѓе биле повредени во протестите во Белград кои почнаа откако претседателот Вучиќ најави враќање на полицискиот час и на други рестриктивни мерки поради ширењето на коронавирусот.

Судирите помеѓу полицијата и демонстрантите траеја со часови, а почнаа со собир пред српскиот Парламент. Дел од демонстрантите го пробија полицискиот кордон и успеаја да влезат во холот на зградата. Учесниците во протестите ја напаѓаа полицијата со јајца, камења и шишиња и факели, на што таа возвратила со солзавец.

Околу два часот по полноќ, полицијата успеала да ги потисне демонстрантите од пред српскиот Парламент и од околните улици. Запалени биле најмалку два полициски автомобила, а биле поставени и кордони.

Директорот на српската полиција Владимир Ребиќ истакна дека во синоќешните нереди повредени се 43 полицајци, а уапсени се 23 лица. Запалени се пет полициски возила, а повредени се три коњи на полицијата.

„Имавме 43 повредени полициски службеници, а веројатно бројот е значајно поголем. Имаме податоци за повредени 17 учесници на протестот“, изјави Ребиќ.

Премиерката Ана Брнабиќ го осуди вандализмот во моменти кога земјата се соочува со најсилниот удар на коронавирусот.

Претседателот Александар Вучиќ најави враќање на рестриктивните мерки, меѓу кои и полицискиот час од петок, со што Србија ќе биде првата земја после првиот бран во кој повторно ќе има рестрикција во однос на движењето.

 

Марина Ристова