Лозово против „белата чума“
Склучен првиот брак со општинска финансиска помош во Лозово...
Пари, ракија, вино и благослов за големо семејство доби првата брачна двојка од Лозово која денес го кажа судбоносното „ДА“. Невестата е од Албанија, а наскоро се очекува да пристигне и русинка...
Националната кампања за многудетни семејства е само една од мерките со кои Македонија се бори со „белата чума“. Општините во кои овој проблем е најевидентен решија со дополнителна финансиска помош да ги стимулираат ергените и момите во поодминати години да оформат семејства. Ангеловски е првото семејство во Лозово кое ја доби Општинската финасиска помош.
„Овој брак помеѓу Станое Ангеловски и Блеринда Раволи го прогласувам за склучен...“ вели матичартот.
Станое и Блеринда се запознале во Тирана. Тој како возач на камион често престојувал таму. Желбата за заеднички живот била поголема од јазичната бариера, па решиле да основаат семејство. Со вредносен ваучер од 30 илјади денари, градоначалникот на Лозово им посака на младенците среќа и многу дечиња. Лозово е една од општините која со финансиска стимулација започна борба против белата чума, тука годишно се раѓаат едвај по 40 деца.
„Финасиски ќе издржиме, оти богатството е во парите, богатството е во семејството во децата“, рече Орце Цветковски, градоначалник на општина Лозово.
Младоженците за среќен брак од донаторот кој го подржуваат проектот добија 50 литри ракија и 100 литри вино.
„На невестата и нуди бесплатен медицински третман до првото породување исто така Зегин нуди и вработување на еден од брачните другари“, рече Тања Контевска од Винарија „Лозар“.
Во општина Лозови има 98 ергени повозрасни од 40 години и осум моми повоздрасни од 35 години. Сите тие ги исполнуваат условите за добијат дел од субвенциите кои ги дава локалната самоуправа.
Општината е сигурна дека го решава проблемот на ергените и момите во поодминати години, но дел од жителите со поинакво размислување.
„Да има запослување секој ќе се ожени, секој ќе створи семејство...Идат Албанки од Албанија, донесоа неколку си оформија фамилија, куќа си гледаат...“, велат анкетираните граѓани.
Лозово е првата општина во Источна Македонија каде што преку посредници се носат невести од Албанија. Има најава дека многу скоро овде судбоносното „ДА“ ќе го каже и една русинка.
Дијана Иванова
