Задолжителната вакцинација пред Уставен суд
Група родители поднесоа иницијатива пред Уставниот суд за оспорување на задолжителната вакцинација. Сметаат дека се уценети за упис на децата на училиште и за примање детски додаток. Сакаат право на избор, затоа што сметаат дека вакцините се штетни.Министерството за здравство со контра аргументи-откако се воведени задолжителните вакцини, искоренети се многу болести и нема смртни случаи ниту од болестите ниту од вакцините.
Условот детето да биде вакцинирано за да се запишена училиште, како и да прима детски додаток е уцена, сметаат група граѓани кои преку Стамен Филипов поднеле иницијатива до Уставниот суд за оспорување на членови од законите за заштита на децата и за основното образование.
„Ако пишува во Уставот дека секој има право сам да реши дали ќе има деца, дотолку повеќе значи дека јас решавам дали моето дете ќе го вакцинирам или не, на мој ризик како родител. Нормално, државата треба да има закон за заштита, но не да ги казнува луѓето“, вели Стамен Филипов-поднесувач на иницијативата пред Уставен суд.
Родителите ги сметаат вакцинитеза штетни. Не изнесоа аргументи од Македонија, туку само податоци од други земји.
„Ефикасноста не е докажана. Во исто време несаканите реакции се тешки, сериозни, неизлечиви. Тоа е еден голем медицински аргумент вакцините да станат незадолжителни“, вели Весна Бошевска-Симонова-родител и фармаколошки информатичар.
Министерството за здравство тврди дека вакцините се неопходни и безбедни и дека не смее да се дозволи да се вратат болести од кои заболуваа и умираа илјадници луѓе пред задолжителната имунизација.
„Во Република Македонија се вакцинира од 1948 г. Првата вакцина е против туберкулоза. Од тогаш до ден денеска ви тврдам дека сме немале ниту еден смртен случај како последица на вакцинација. Цел свет вакцинира. И ние мора да веруваме на анализите што ги добиваме од ФДИ и дека состојќите што се додаваат внатре или адјуванси или конзерванси дека се безбедни и не претставуваат опасност по децата“, вели прим. д-р Јованка Костовска од Секторот за превентивна заштита и имунизација од Министерство за здравство.
Во 15 земји од ЕУ вакцините се задолжителни, а во другите дел се задолжителни, дел препорачани. Кај нас годишно се вакцинираат по 180 илјади деца против 11 болести. Нема најава за редефинирање ниту на листата ниту на календарот за имунизација. Се размислува за воведување имунизација за пневмокока и рота вирусот.
Соња Стојановска
