Ковид-19

СЗО: Нема враќање во нормала во скоро време

14.07.2020 12:39

Нема враќање во нормала во скоро време, оцени Светската здравствена организација. Генералниот директор Гебрејесус вели „премногу земји одат во погрешна насока“, додека други ја ставаат епидемијата под контрола...

Светот во догледна иднина нема да се врати во некогашната нормала, оцени Светската здравствена организација, непосредно по рекордните 230.000 нови случаи на коронавирус во светот. Директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус рече дека „премногу земји одат во погрешна насока“, додека други ја ставаат епидемијата под контрола.

Вирусот останува јавен непријател број еден, но постапките на многу влади и луѓе не го рефлектираат тоа“, изјави Гебрејесус.

Гебрејсус ги критикуваше политичките водачи за различни пораки за епидемијата, што ја намалува довербата.

Не велам дека е лесно. Секако дека не е. Знам дека многу лидери работат во отежнати околности. Знам дека се соочуваат со здравствени, економски, социјални и културни предизвици“, додаде директорот на СЗО.

Ги повика земјите да усвојат сеопфатна стратегија за борба со заразените во голем број земји, истакнувајќи дека околу половина од сите нови случаи сега доаѓаат од Америка. Директорот на СЗО рече дека е направена мапа на пандемијата и дека никогаш не е доцна да се контролира ширењето на коронавирусот.

Потребно е да постигнеме одржлива ситуација при што ќе имаме соодветна контрола врз вирусот без целосно да ги стопираме нашите животи што има огромно штетно влијание врз општествата. Потребно ни е силно владино лидерство и координација на сеопфатни стратегии преку кои се комуницира јасно и доследно. Тоа може и мора да се направи“, нагласи Гебрејесус.

Гебрејсус изрази надеж дека ќе се создаде ефективна вакцина, но дека во меѓувреме сите мора да се стремат кон намалување на ширењето на коронавирусот за да се спасат човечки животи.

 

Марина Ристова