Маџиров со серија успешни настапи во САД

12.03.2014 09:11

Македонскиот поет Никола Маџиров имаше неколку настапи во Соединетите Американски држави, меѓу кои и најголемиот фестивал на пишаниот збор во Америка, во Сиетл. Поезијата на Маџиров е преведена на англиски јазик и се продава во книжарници ширум САД...

Никола Маџиров, младиот поет од Македонија беше поканет на најголемиот фестивал во Сиетл од страна на Американското друштво на писатели, каде достојно ја престави македонската поезија.

„Досега неколкупати имав читање на поезија на неколку универзитети во Америка, особено по објавувањето на книгата ’Останок од друг век’ во издание на издавачката куќа ’Боа едишнс’ поддржана од фондацијата ’Ланг’ во Америка“, изјави Маџиров за МРТ.

Поезијата на Маџиров може да се најде во книжарници во Сан Франциско и Вашингтон, а по трет пат настапи и во македонската амбасада во главниот американски град.

„Прво се промовира Македонија како земја на извонредни поети, се промовира македонскиот јазик бидејќи поезијата на Никола Маџиров е преведена на англиски јазик и е издадена овде во Америка“, рече амбасадорот на Република Македонија во САД, Зоран Јолевски.

Пред настапите во Америка, Маџиров имаше настап и во Брисел, а од Вашингтон заминува да ја претстави македонската поезија во Шведска и во Индија.

Поезијата на Никола Маџиров преведена на англиски јазик се наоѓа и во Конгресната Библиотека во Вашингтон.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник на МРТ од Вашингтон