Под паролата „Ангажирана, обединета и солидарна нација“ се одбележа националниот празник на Франција

14.07.2020 14:59

Под претседателство на Емануел Макрон на плоштадот Конкорд во Париз се одржа специјална свеченост под паролата „Ангажирана, обединета и солидарна нација“ со која се одбележа националниот празник на Франција, 14-ти Јули, за време на која им беше оддадена почит на сите оние кои зедоа учество во борбата против коронавирусот, јави дописникот на МРТ...

За прв пат во современата историја на Франција 14-ти јули се празнува на овој начин. Настан кој вообичаено е следен од толпа народ на Елисејските полиња, годинава не беше отворен за публиката, а традиционалното воено дефиле, беше сведено на минимум.

Свеченостите започна со оддавање на почит на генералот де Гол, за кој годинава се одбележува тројна годишнина: 130 години од неговото раѓање, 50 години од неговата смрт и 80 години од повикот од 18 јуни 1940 година

По свеченостите и надлетувањето на Париз и плоштадот Конкорд од француското воздухопловство, чии елементи беа вклучени во евакуацијата на заболените, на плоштадот Конкорд се одржа мини воена парада, на која посебна чест им беше оддадена на здравствената служба на француската армија.

За да се избегнат санитарните ризици, пред почесната трибина на Конкорд парадираа 2.000 војници, наместо вообичаените 4.000. Први поминаа знамињата на четирите земји кои на Франција и помогнаа во справувањето со епидемијата, Германија, Австрија, Луксембург и Швајцарија.

Ова пред очите на 2.500 гости, од кои 1.400 претставници на французите кои беа во првата линија за време на епидемијата: медицински персонал, семејства на починати припадници на медицинскиот персонал во борбата со Ковид-19, наставници, касиерки, вработени во погребалните претпријатија, полицајци, жандарми, пожарникари, вработени во фабриките за маски.

Претседателот Емануел Макрон, во 13 часот го даде своето прво 14-то јулско телевизиско интервју, од кое се откажа од почетокот на мандатот. Но, по кризата со жолтите елеци, протестите против реформата на пензискиот систем и сега кризата со епидемијата со Ковид-19 и последиците од неа, немаше избор, објаснувајќи ја реконструкцијата на владата и политиката која ќе ја води во вториот дел од својот мандат.

Поради здравствента криза, вечерва ќе изостанат традиционалните народни балови, а во некои градови сепак ќе се одржат традиционалните 14-то јулски огномети.

Тони Гламчевски