Нови санкции за Кина поради Хонгконг

Трамп потпиша налог за укинување на специјалниот статус на Хонгконг

15.07.2020 12:41

„Хонгконг ќе го третираме исто како Кина“, изјави американскиот претседател Трамп. Потпиша закон за санкции за Пекинг, и налог за укинување на привилегиите за полуавтономната територија и еден од клучните финансиски центри на Азија. Спорни точки се безбедносниот законски акт на Кина и нејзиното справување со пандемијата со Ковид-19. Пекинг се закани со одмазднички потег...

Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша закон со кој се воведуваат нови санкции за кинески поединци и институции вклучени во процесот за отстранување на автономијата на Хонгконг. Покрај тоа, челникот на Белата куќа потпиша и налог за укинување на специјалниот статус на полуавтономниот регион, што е ново продолжение на кампањата против Пекинг кого го обвинува за несоодветно справување со пандемијата со ковид-19. Со специјалниот статус, Хонгконг беше ослободен од многу царински давачки со што успеа да го задржи приматот во надворешната трговија и важеше за еден од клучните економски центри во Азија. Новиот закон за ревидирање на статусот доби поддршка и во Сенатот и во Претставничкиот дом. Конгресот му даде зелено светло откако Кина усвои закон за национална безбедност во Хонгконг.

Со овој закон, мојата администрација добива нови моќни алатки да бара одговорност од поединци и организации вклучени во одземањето на слободата на Хонгконг. Видовме што се случи, ситуацијата беше лоша. Им ги одзедоа слободата и правата, а поради тоа, Хонгконг веќе нема да може да се натпреварува на слободните пазари. Многумина ќе заминат, па ќе мора да работиме уште повеќе откако ќе загубиме конкурент“, изјави Трамп.

Трамп ја обвини Кина и дека доминира во СЗО иако членството коешто го плаќа било десет пати помало од она на САД. Според него, Вашингтон ќе се врати кога во Организацијата кога со неа ќе управува подобро раководство.

Тие беа марионета на Кина. А за нас, Кина е целосно одговорна за криење на вирусот и негово ширење во светот. Можеа да го спречат, требаше да го спречат. Ќе беше многу лесно да се запре во самиот извор“, рече Трамп.

Од кинеското МНР се заканија со одмазда за мешањето во внатрешните работи на земјата. Предупредија дека ќе воведат санкции против поединци и организации во САД за да ги заштитат интересите на Кина.

Маја С. Филдишев