Образованието да се прилагоди на потребите на пазарот на труд
Образованието кај младите треба да се прилагоди на потребите на пазарот на трудот, заклучија членовите на Економско – социјалниот совет од тетовскиот регион. Според истражувањата повеќето млади сакаат да бидат економисти и правници, а малкумина се одлучуваат за стручните училишта...

Занаетчии, агрономи, биохемичари, металурзи. Вакви стручни кадри му недостигаат на стопанството во тетовскиот регион. Спротивно на ова, младите најчето се одлучуваат да бидат правници или економисти.
Затоа се воведуваат различни мерки како преквалификации, доквалификации и практикантство со кои полесно се доаѓа до вработување.
Од Економско - социјалниот совет велат дека младите треба да се насочуваат кон образование со кое ќе најдат работа, а тоа се стручните училишта.
„Со ова сакаме да наметнеме, преку министерството за образование, да се размислува околу одредени струки со кои би ги пополниле овие дефицитарни кадри, а со тоа би им овозможиле на младите да можат побрзо да засноваат работен однос“, изјави Љупчо Радески – Член на Економско – социјален совет од ССМ.
Истражувањето на Агенцијата за поддршка на мали и средни претрпијатија ЕСА покажало дека образованието кај младите воопшто не одговара на потребите на пазарот на трудот.
Голем придонес во менувањето на ваквата состојба би имала соработката меѓу институциите.
„Еден од предлозите по ова истражување е да се направи еден функционален систем на тријаголникот: локална самоуправа - бизнис сектор – образование. Со тоа би се продуцирале соодветни кадри според потребите на пазарот на трудот. Ова сега недостига“, смета Неби Јусуфи – Агенција „ЕСА“.
За да бидеме поконкурентни на домашниот, но и на евроспкиот пазар на труд, експертите апелираат да се инвестира во развој на човекови ресурси. Ваквата потреба произлегува и од најавите за влез на странски инвеститори во тетовската индустриска зона, кои ќе бараат соодветни кадри за вработување.
Зоран Јованоски
