Германската економија заживува, но неизвесна е брзината
Земјите на ЕУ во мај годинава забалежале суфицит во меѓународната трговија со стоки од 9,4 милијарди евра. Според анализата на Еуростат, германската економија заживува, но неизвесна е брзината и обемот на закрепнување– велат до Европската централна банка...

Податоците на Еуростат за месец мај охрабруваат, покажуваат дека германската економија заживува, односно забележала раст на индустриското производство за 9,7%. Германија која е наш најголем надворешно трговски партнер сепак има намалување на извозот за 14% во првите 5 месеци од оваа година.Истовремено и увозот на стоки бил намален за 10% . Европската централна банка соопшти дека има заживување на економијата во последните два месеца,но неизвесна е брзината и обемот на закрепнување .
„Податоците и резултатите од анкетата сугерираат значително подобрување на економската активност во мај и јуни,по падот во април .Истовремено економските показатели остануваат далеку под нивото од пред пандемијата и закрепнувањето е во рана фаза и останува нерамномерно распоредено по сектори.Реалниот БДП ќе се намали во целина во второто тромесечје,но пројавени се знаци на закрепнување на потрошувачката.Има и значителен поврат на индустриското производство во услови кога пазарот на труд е подложен на промени“, изјави Кристин Лагард- претседател на Европската централна банка.
Лагард очекува во третиот квартал враќање на економската активност во еврозоната,пред се поради мерките за задржување на вработените, кредитната поддршка на компаниите и даночните олеснувања.
Европската комисија излезе со податоци за движењето на БДП во првиот квартал на 2020 за земјите кандидати и потенцијални кандидати за членство во ЕУ.Највисок раст од 5% имала Србија,следи Турција со 4,5% , Црна гора 2,7%, БИХ 2,0% ,Косово 1,3%,Северна Македонија 0,2% и Албанија -2,5%.
Државниот завод за статистика во првите 5 месеци регистрирал намалување на нашиот извоз во Германија за 36,1% до ниво од 827 милиони евра, односно на увозот за 26,2% до ниво од 288 милиони евра .
Земјите членки на ЕУ во мај забалежале суфицит во меѓународната трговија со стоки од 9,4 милијарди евра, соопшти Еуростат. Поради кризата со ковид 19 пад на извозот имаат сите земји членки, но тој е најизразен кај: Франција , Грција и Романија и се движи од 47 до 44% .
Свето Николовски
