Истекува рокот за издавање домашна платежна картичка

17.07.2020 16:35

До утре трае рокот за преземање домашна платежна картичка од банките. Оваа владина мерка е со цел да и се помогне на економијата и граѓаните во справувањето со корона кризата. Во Куманово и денеска граѓани чекаа ред за да влезат во банките. Претходните денови пред експозитурите асистираше и полицијата. Голем дел од граѓаните и покрај препораките на надлежните не носеа маски, ниту пак држаа препорачано растојание од најмалку два метра...

Истекува рокот за издавање домашна платежна картичка на граѓаните кои што ги исполнија условите за оваа владина мерка за поддршка на економијата, за справување со корона-кризата. Банките имаат рок до утре да им ги доделат на граѓаните, а тие пак треба да ги искористат најдоцна до 15-ти август годинава.

И претпоследниот ден од рокот предвиден за издавање на домашни платежни картички во Куманово пред експозитурите може да се забележат поголем број кумановци. Меѓутоа сликата од претходните денови не е иста. Овде значаен број кумановци чекаа за остварување на ова право. Мораше да асистира и полицијата, бидејќи голем дел не се придржуваа до препорачаната дистанција од 2 метри ниту пак носеа маски.

Поголемиот дел од кумановци се пожалија дека со часови чекаат ред за да влезат во банката да си ја земат домашната платежна картичка.

Многу големи редици се создаваат, банките треба да обрнат внимание да го забрзаат тоа, од една страна викаме пандемија маски и слично од друга страна се создаваат гужви, ако треба растојание со 100 луѓе ќе ни требаат бајаги метри тоа да се воспостави- истакна еден кумановец.

Чекам за картичка вчера добивме порака дека стигна сега треба да ја земеме- нагласи кумановка.

Зашто не оди преку пошта картичка тоа е работата, ништо друго и треба да работат повеќе шалтери- прашува кумановец.

Домашна платежна картичка на ниво на државата треба да добија над 324 илјади граѓани, во четири категории. Лицата со низок доход, приматели на социјална помош и активни баратели на работа, добија картички во вредност од 9.000 денари. Во втората група, лица кои се во работен однос, но чии примања во првите четири месеци не надминуваат 60 илјади денари, добија по 3.000, но и ваучер за туризам. Во третата група се младите од 16 до 29 години кои добија финансиска поддршка по 3.000 денари, а четвртата се здравствените работници со поддршка од 40 отсто од последната нето-плата. Банките картичките ги издаваат од почетокот на јуни. Некои од нив ги испраќаа на домашна адреса.

Елена Георгиевска